06 Мај Правото на слобода на медиумите во контекст на пандемијата КОВИД-19 во Србија
На 28 март српската влада донесе одлука која се состоеше од пет точки со која се регулира централизацијата на јавните информации за пандемијата на коронавирусот за време на тековната вонредна состојба. Во Одлуката се наведува дека сите информации за јавноста ќе бидат споделувани од страна на Премиерот или лица овластени од Штабот за управување со кризи. Одлуката, исто така, се однесува и на спроведувањето на мерки поврзани со здравјето и други информации поврзани со лекувањето на болеста КОВИД-19.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Десир и Шефот на мисијата на ОБСЕ во Србија, Андреа Оризио, денеска изразија загриженост во врска со новата одлука на Владата на Србија за информациите од јавен карактер за време на тековната вонредна состојба и влијанието кое оваа одлука може да го има врз слободниот пристап до информации во земјата. Се чини дека оваа одлука им оневозможува на медиумите и новинарите да добиваат информации за пандемијата од било кои други извори освен оние споменати во Одлуката.
Г-дин Харлем Десир рече дека пристапот до информации е клучен за медиумите, кои играат важна улога во ова време на здравствена криза во обезбедувањето на витални информации за јавноста и во борбата против ширењето на лажни информации во врска со пандемијата, и додека целосно ја разбира потребата од борба против ширењето на лажни информации за време на оваа вонредна состојба, тој е воедно и загрижен за влијанието на оваа одлука врз работата на медиумите и новинарите.
По одлуката, новинарката Ана Лалиќ беше уапсена на 1 април, откако против неа беше поднесена кривична пријава за ширење паника. Медиумот Nova.rs објави текст под наслов, „КЦ Војводина пред пукање: нема заштита за медицинските сестри“. Во текстот се тврди дека во институцијата недостасувала основна опрема и „условите за работа за време на пандемијата биле хаотични“.
На 2 април српската влада ја повлече одлуката, а истиот ден беше ослободена и новинарката Ана Лалиќ. Истиот ден, на 2 април 2020 година, Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Десир, и Шефот на мисијата на ОБСЕ во Србија, Андреа Орицио, го поздравија повлекувањето на Одлуката за информациите од јавен карактер за време на тековната вонредна состојба од страна на српската влада и изјавија дека со тоа ќе останат отворени каналите за професионалците во медиумите да бараат, примаат и даваат информации за време на пандемијата.
Преземено од веб-сајтот на ОБСЕ и веб-сајтот на Balkan Insight