Правото на уставна жалба во Албанија

Во предметот Фулани против Албанија (претставка бр. 4586/18, 13.10.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи претставката за неприфатлива. 

Предметот се однесувал на одлуката на парламентот од 2014 година да го разреши г-динот Фулани од функцијата на Гувернер на Централната банка на Албанија, откако бил уапсен поради сомнеж за злоупотреба на службена положба. Подоцна бил ослободен од обвинението. Тој покренал правна постапка за оспорување на неговото разрешување и судовите, во суштина, пресудиле во негова корист, но, го отфрлиле неговото барање за дополнително обесштетување и враќање на функцијата. 

Повикувајќи се на член 8 (право на почитување приватниот и семејниот живот), г-дин Фулани поднесол жалба, тврдејќи дека домашните судови, иако пресудиле дека неговото разрешување е незаконско, одбиле да го вратат на функција или да му доделат дополнително обесштетување за штетата нанесена врз неговиот углед.

Судот повтори дека државите не мора да одговараат пред меѓународен орган доколку не им била дадена прилика да ги решат работите преку сопствениот правен систем. Оние кои сакаат да поднесат жалба против некоја држава се најпрво обврзани да ги искористат правните лекови што им ги нуди националниот правен систем.

Судот забележа дека г-динот Фулани бе вложил жалба до Уставниот суд, тврдејќи дека немал обврска да го стори тоа бидејќи, меѓу другото, не постои уставно право на враќање на функција или на добивање дополнително обесштетување. Судот не се согласи со ова. По правосудната реформа во Албанија од 2016 година и измените во Уставот, поединечната уставна жалба повеќе не е ограничена на жалби согласно со член 6 (право на правична судска постапка) на Конвенцијата и, во принцип, претставува ефективен правен лек во поглед на наводи за секакво кршење на правата заштитени со Конвенцијата и нејзините протоколи коишто Албанија ги има ратификувано.

Според тоа, подносителите на претставка, вклучително и г-динот Фулани, треба да го искористат овој правен лек пред да поднесат претставка до Европскиот суд. Исто така, Уставните измени стапиле на сила 17 месеци пред г-динот Фулани да ја поднесе својата претставка до Европскиот суд, а во текот на тој период Уставниот суд донесе одлука што се бави со жалби кои спаѓаат во рамките на опфатот на член 8 од Конвенцијата. Уште две други слични одлуки се донесени во 2021 година. Следствено, претставката на г-дин Фулани мораше да биде одбиена врз основа на член 35, ставови  1 и 4 (поединечни претставки) од Конвенцијата, поради неисцрпување на домашните правни лекови.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права