12 Дек Затворска казна заради протест за време на судење претставува кршење на Европската конвенција за човекови права
Во предметот на Сломка (Słomka) против Полска (жалба бр. 68924/12, 06.12.2018), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека имало повреда на член 6 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права, како и повреда на член 10 (право на слобода на изразување) од Европската конвенција.
Предметот се однесуваше на 14-дневната затворска казна на жалителот заради непочитување на судот откако тој извикал одредени пароли за време на судењето на генералите од времето на комунизмот, кои вовеле воена состојба во 1980-тите.
Г-дин Сломка (Słomka) е поранешен опозициски активист. Тој бил во судот кога на 12 јануари 2012 година надлежните судии требало да ја донесат својата пресуда во предметот на тројца високи членови на Воениот совет за национален спас кои вовеле воена состојба во 1981 година. Откако судиите пристигнале во судницата, г-дин Сломка (Słomka) скокнал зад пултот на судиите и извикал: ,,Ова е исмејување на правдата”. Тој бил отстранет, но се вратил подоцна и продолжил да извикува слични пароли. Судијата-претседавач одлучил да ја прочита пресудата во соседната просторија. Подоцна тој ден г-дин Сломка (Słomka) бил осуден во отсуство на 14 дена затвор заради непочитување на судот. Неколку дена подоцна, тој бил уапсен и одведен во Центарот за притвореници во Варшава.
Жалителот тврдеше дека неговите права се повредени според член 6 и член 10 од Европската конвенција за човекови права.
Судот сметаше дека активностите на жалителот имале за цел да го критикуваат судството и перцепираниот недостаток на правда, а не да ги навредат судиите. Тој бил осуден на затворска казна од страна на истите судии без можност да ги презентира своите аргументи. Следната судска одлука по неговата жалба не ги отстранила процедуралните недостатоци. Околностите на предметот предизвикале објективно оправдан страв од недостаток на непристрасност и затоа овде постои повреда на членот 6. Судот забележа дека пресудата претставувала повреда на член 6 и сметаше дека ограничувањето не било проследено со ефективна и соодветна заштита на неговите права. Оттука, постои повреда на член 10 бидејќи мешањето не било неопходно во едно демократско општество.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права