Превентивниот притвор на сторител со психичка болест довел до кршење на Конвенцијата

Во пресудата во предметот W.A. против Швајцарија (жалба бр. 38958/16, 02.11.2021 година) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до:

  • повреда на член 5 § 1 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права,
  • повреда на член 7 § 1 (нема казна без закон) од Европската конвенција за овекови права, и
  • повреда на член 4 од Протоколот бр. 7 (право да не се суди или казнува двапати) од Конвенцијата.

Предметот се однесуваше на решение за превентивен притвор на  В.А. – човек кој имал сериозни психијатриски проблеми – откако издржал 20-годишна затворска казна за две убиства. В.А. ја отслужил казната до 2010 година, кога бил повторно притворен по барање на обвинителството да му биде одреден превентивен притвор според новите измени на Кривичниот законик. Во 2013 година, Окружниот суд во Цирих му одредил превентивен притвор. Подносителот се жалел на неговиот превентивен притвор, тврдејќи дека истиот претставува ретроактивна казна и дека бил казнет двапати за истите кривични дела.

Судот навел дека „осуденоста“, во смисла на судската пракса на Судот, се однесува и на утврдувањето на извршено дело и на последователното изрекување казна. Само пресудата со која се прогласува одредено лице за виновно за конкретно дело ги исполнува условите за „осуденост“ според член 5 став 1 (а).

Судот забележа дека за разлика од првичното судење и првичната пресуда на подносителот, решението за притвор од 2013 г. не ги исполнило барањата на Конвенцијата за самостојна „осуденост“.

Судот дополнително утврди дека повторената постапка не создала доволна врска помеѓу првичната осуда и последователниот превентивен притвор. Првичните дела не биле преиспитани и не биле утврдени нови факти во таа постапка, туку само дали жалителот ги исполнил условите за превентивен притвор. Ова де факто претставувало дополнителна казна.

Во однос на лишувањето од слобода на лицата кои боледуваат од психички растројства, Судот изјави дека подносителот на жалбата навистина било лице „со психички проблеми“ за целите на член 5 став 1 (д), но за да му биде законски притворот требало да биде задржан во соодветна установа за пациенти со нарушено психичко здравје (дури и да не бил подложен на психијатриски третман), а не во обичен затвор. Оттаму, во овој предмет дошло до  повреда на член 5 став 1 од Конвенцијата.

Судот потврди дека решението за притвор изнесувало „потешка“ казна која му била изречена на подносителот на жалбата. Поконкретно, во времето на извршувањето на делата од страна на жалителот, не било можно тој да се стави во превентивен притвор со ретроактивно решение донесено откако неговите пресуди од 1990-те станале правосилни. Дополнително, според новата верзија на Кривичниот законик, поради фактот што изречената казна затвор била сега веќе извршена пред да се донесе решението за превентивен притвор, засегнатото лице можело да биде задржано во притвор подолг временски период. Според тоа, овде дошло до повреда на член 7 став 1 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права