16 Авг Прекршување на правото на делотворен правен лек во Хрватска
Во предметот Ладан против Хрватска (предмет бр. 56787/16, 11.05.2023 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) утврди прекршување на член 13 (право на делотворен правен лек) од Европската Конвенција за човекови права („Конвенцијата“).
Подносителот на претставката се жалел на прекумерната должина на граѓанската постапка. Тој, исто така, се жалел и на несоодветните услови на неговиот притвор и на неефикасноста на домашните правни лекови достапни во тој поглед.
Откако го испита целиот материјал доставен до него, ЕСЧП не најде ниту еден факт или аргумент што би ја оправдал целокупната должина на постапката на национално ниво. Конкретно, иако на подносителот може да му се припише доцнење од една година и околу девет месеци, ЕСЧП, имајќи ја предвид својата судска пракса на оваа тема, смета дека во конкретниот предмет должината на постапката сепак била прекумерна и не го исполнила условот за „разумен рок“.
ЕСЧП нотираше дека подносителот бил држен во притвор во лоши услови. Тоа бил и наодот на првостепениот суд, кој на 5 јануари 2022 година му додели на подносителот надомест на штетата поради истото, во горенаведената граѓанска постапка која во моментот се води пред апелациониот суд. ЕСЧП не најде ниту еден факт или аргумент доволен да го убеди да донесе поинаков заклучок за допуштеноста и основаноста на овие жалби. Конкретно, приговорот на Владата дека оваа жалба е предвремена бидејќи горенаведените граѓански постапки за надомест на штета сè уште се во тек, мора да се отфрли. За да се сметаат за ефективни, таквите правни лекови за надомест на штета за несоодветни услови на притвор мора да го исполнат условот на разумно време. Дополнително, брзината на корективните дејства може да биде релевантна за да се процени дали правниот лек, којшто во начело е делотворен, бил и практично делотворен во конкретниот предмет за целите на член 35 став 1, бидејќи прекумерната должина на домашната постапка може да претставува посебна околност што ги ослободува подносителите на претставка од обврската за исцрпување на домашните правни лекови. Имајќи го предвид својот наод погоре дека предметната граѓанска постапка не го исполнила условот на „разумен рок“, ЕСЧП смета дека затоа не може да се бара од подносителот да чека повеќе на конечниот исход на тие граѓански постапки.
Имајќи ја предвид својата судска практика на оваа тема, ЕСЧП смета дека во конкретниот предмет условите на притвор на подносителот биле несоодветни. Според тоа, оваа претставка е допуштена и содржи прекршување на член 3 од Конвенцијата.
На крај, подносителот се жалеше дека домашните правни лекови за несоодветни услови на притвор биле неделотворни во неговиот случај. Тој се повика на член 13 од Конвенцијата.
ЕСЧП забележа дека, на 16 август 2011 година, подносителот го искористил достапниот превентивен лек и се пожалил до судијата за извршување казни околу несоодветните услови на неговиот притвор во затворот во Загреб. Меѓутоа, судијата за извршување казни никогаш не пресудил по неговата жалба, поради што тој правен лек станал неделотворен. Исто така, поради прекумерната должина на граѓанската постапка во овој предмет, граѓанската тужба за отштета, инаку ефикасен правен лек, била неделотворна. Според тоа, оваа претставка е допуштена и укажува на повреда на член 13 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права