Пристап до правда за Ромите во Унгарија и Србија

Извештајот „Градење доверба во еднаквоста: Подобрување на пристапот до правда за Ромите во Унгарија и Србија“, објавен во септември 2022 година, е изработен во рамките на проектот „Ромска еднаквост преку зголемен правен пристап“ (РЕИЛА) финансиран од Европската Унија. Проектот се спроведува од септември 2020 година, под заеднички надзор на Групата за малцински права во Европа (MRGE), „Праксис“ (Србија) и Здружението Idetartozunk („Ние припаѓаме овде“) (Унгарија). Целта на проектот е да се унапредат и да се заштитат правата на Ромите изложени на дискриминација и кршење на човековите права, преку подигање на свеста во општеството и меѓу засегнатите страни, подобрување на спроведувањето на законодавството за недискриминација и поддршка за Ромите кои бараат правна помош во Унгарија и Србија.

Извештајот ги резимира поуките од теренската работа извлечени од личните искуства на медијаторите и составува листа од случаи на дискриминација во двете земји, вклучувајќи го и нивното решавање. Извештајот објаснува и како теренските посети и правната работа придонесле кон подигање на свеста кај Ромите за нивните права и им помогнале да ги елиминираат пречките во нивниот пристап до правдата. Поуките и резултатите од теренските посети и правната работа во двете целни земји може дополнително да се применат и да се спроведат и во други европски контексти каде Ромите се соочуваат со слични тешкотии во нивниот пристап до правдата во случаи на дискриминација.

Во Србија и Унгарија, Ромите уште од најрана возраст и во различни области од животот секојдневно се предмет на дискриминација, обично поттикната од негативни ставови и предрасуди. И покрај нивната честа појава, случаите на дискриминација обично не се пријавуваат. Ромите често мора да ја прифатат дискриминацијата како дел од своето секојдневие, не сакајќи да ги пријават ваквите случаи на властите поради страв од одмазда или поради недоверба во ефективноста на правосудниот систем. Во Унгарија, комплицираните правила на правното застапување, долготрајната природа и неизвесниот исход на случаите на дискриминација, како и ограниченото превентивно влијание на пресудите дополнително придонесуваат кон неподготвеноста на Ромите да ја пријават дискриминацијата. Во обете земји, на Ромите им е потребна правна поддршка, бидејќи честопати не ја познаваат ниту правната дефиниција на дискриминацијата, ниту достапните правни лекови и надлежните органи до кои би можеле да се обратат. Ги обесхрабруваат и неефикасната природа на правниот систем и различните бариери со кои се соочуваат откако ќе решат да пријават некој случај. Затоа, бројот на случаи пријавени до националните тела за еднаквост (Застапникот за заштита на еднаквоста во Србија и Генералниот директорат за еднаков третман во Унгарија – CPE и DGET, соодветно) претставува само мал дел од вистинската дискриминација со која се соочуваат Ромите.  

Дури и во случаите кои биле пријавени до националното тело за еднаквост, многу ретко се носеле позитивни одлуки или препораки.

Преку подигање на свеста на ромските заедници за нивните права и расположливите правни лекови со помош на медијатори, бесплатно правно советување и поддршка во пријавувањето случаи до националното тело за еднаквост, правната работа во рамките на проектот „РЕИЛА“ имаше за цел да се справи со пречките со кои се соочуваат Ромите во нивниот пристап до правдата.

Целосниот извештај може да го најдете тука.

Преземено од официјалниот веб-сајт на НВО ПРАКСИС