Притворот на жалителот не бил во согласност со Конвенцијата откако станало јасно дека тој не може да биде депортиран во ниту една безбедна трета земја

Во предметот на Ал Хусин против Босна и Херцеговина (бр. 2) (жалба бр. 10112/16 од 25 јуни 2019-та година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно заклучи дека:

  • дошло до повреда на член 5, став 1 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“) во однос на притворот на жалителот во периодот од август 2014-та  до февруари 2016-та година, и,
  • не дошло до повреда на член 5, став 1 поради неговиот притвор во периодот од јули 2012-та год. и март 2013-та год. и од март 2014-та год. до август 2014-та година,
  • не дошло до повреда на член 5, став 4 (право на слобода и безбедност/постапка за законитоста на лишувањето о слобода).

Подносителот на жалбата, Имад Ал Хусин, е роден во Сирија и во моментот живее во Илиџа, кантон Сараево (Босна и Херцеговина). Г-дин Ал Хусин студирал во поранешна Југославија во осумдесеттите и се борел како дел од единицата на муџахедините на босанската страна за време на војната во периодот од 1992-та до 1995-та година. Во еден момент тој добил државјанство на Босна и Херцеговина, но истото му било укинато во 2007-та година. Тој бил сместен во притворскиот центар за имиграција во октомври 2008 година како закана за националната безбедност. Тој побарал азил, но му било одбиено барањето и била издадена наредба за депортација во февруари 2011-та година.

Тој ја поднел својата прва жалба до ЕСЧП во јануари 2008 година (жалба бр. 3727/08). Во февруари 2012 година, ЕСЧП утврдил дека би дошло до кршење на правата на жалителот според член 3 (забрана на тортура) доколку тој бил депортиран во Сирија и дека неговиот притвор во периодот од октомври 2008 година до крајот на јануари 2011 година не бил во согласност со член 5, став 1 (право на слобода и безбедност) затоа што немало налог за депортација.

Властите издале нова наредба за депортација во март 2012 година и во наредните години го продолжувале неговиот притвор

поради опасност по националната безбедност.

Во меѓувреме, властите се обиделе да најдат безбедна трета земја во која апликантот би можел да биде депортиран, но многу земји во Европа и на Блискиот исток одбиле да го прифатат. Во февруари 2016 година, тој бил пуштен на слобода со контролни мерки, како што е забрана за напуштање на неговата област на живеење и обврска за пријавување во полиција.

ЕСЧП конкретно утврди дека од август 2014 година властите требале да знаат дека ниту една земја не била подготвена да го прифати жалителот, кој бил класифициран како ризик за националната безбедност.

Тој не бил пуштен на слобода сé до февруари 2016 година бидејќи продолжила потрагата по држава која би се согласила да го прифати апликантот. Според тоа, дошло до кршење на неговите права според член 5, став 1 (ѓ) за периодот од август 2014 година до 17 февруари 2016 година, но нема кршење на неговите права за периодот од 9 јули 2012 година до 21 март 2013 година и од 14 март 2014 година до август 2014 година. Г-дин Ал Хусин, исто така, тврдел дека не можел да ја оспори законитоста на притворот затоа што немал пристап до докази кои се однесуваат на прашања од национална безбедност.

ЕСЧП утврди дека г. Ал Хусин имал пристап до докази кои биле класифицирани како отворени докази, дека имал правен застапник и имал корист од ревизијата (преиспитувањето) на пресудата во надлежниот суд во БиХ, Жалбениот совет на судот и Уставниот суд. Покрај тоа, некои од обвинувањата против него биле доста конкретни, па имал можност да ги оспори истите. Општо земено, му била пружена разумна можност да ја изнесе својата одбрана и  не дошло до кршење на член 5, став 4 од Конвенцијата.

Преземено од Европскиот суд за човекови права