04 Мај Продолжувањето на сместувањето во психијатриска установа врз основа на недоволно ажурирано стручно мислење претставува прекршување на Конвенцијата
Во предметот Миклиќ против Хрватска (жалба бр. 41023/19, 7.4.2022 година), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно заклучи дека имало повреда на член 5 став 1 (право на слобода и безбедност) на Европската конвенција за човекови права („Конвенција“).
Предметот се однесуваше на сместувањето на г-дин Миклиќ во психијатриска установа откако бил осуден по обвинение за наметливо и заканувачко однесување, извршено како малолетно лице и без ментална способност.
Судот повтори дека за никакво лишување од слобода на лице за кое се смета дека има нарушување на менталното здравје не може да се смета дека е во согласност со член 5 став 1 (е), доколку е наложено без скорешно мислење на медицински вештак.
Во конкретниот предмет, ЕСЧП забележа дека, според член 37 (2) од Законот за заштита на лицата со ментални нарушувања, при одлучувањето за периодично продолжување на присилниот престој на лицето или неговото барање за амбулантско лекување, домашниот суд бил обврзан да прибави ново вештачење од лице кое не е вработено во таа установа. Адвокатката на г-дин Миклиќ поднесла барање за ново вештачење, но нејзиното барање било одбиено затоа што „барањата за продолжување на принудното [затворање] на подносителот не биле доведени во прашање “. Одговарајќи на истото барање во жалбена постапка, Апелациониот суд констатирал дека веќе било извршено вештачење во текот на неговото лекување. Според мислењето на ЕСЧП, ниту едно од овие образложенија не го оправдува фактот дека, во случајот на г-дин Миклиќ, не било наложено ново вештачење, како што налага домашниот закон.
Понатаму, како што со право истакна г-дин Миклиќ, Жупанискиот суд во Риека имал доволно време да прибави ново вештачење од моментот кога го доставил предлогот за амбулантско лекување на 8.11.2018 година до судското рочиште на 13.02.2019., пред претходното решение да истече на 4.3.2019 година. Наместо тоа, и покрај фактот што постапката се сметала за итна според домашното право, Окружниот суд чекал три месеци пред да преземе било какви дејствија во однос на барањето на г-дин Миклиќ да биде пуштен на слобода. ЕСЧП не најде оправдување за таквото прекумерно одложување. Дури и под претпоставка дека домашниот суд одлучил да ја примени вонредната постапка пропишана со член 37 (3) од Законот за заштита на лицата со ментални нарушувања, не прибавил мислење од ново психијатриско вештачење. Всушност, единственото лице кое дало мислење за потребата од продолжување на притворот на г-дин Миклиќ, врз кое се заснова одлуката од 13 февруари 2019 година, бил болничкиот лекар кој бил вклучен во претходните одлуки за продолжување на притворот.
Со оглед на тоа што го одбиле предлогот на г-дин Миклиќ да се наложи ново вештачење, домашните судови своите одлуки ги засновале на вештачење кое, не само што првично не се согласувало со дијагнозата на подносителот, туку било спроведено една или две години предтходно. Во такви околности, врз основа на судската пракса на ЕСЧП, судот не е убеден дека некое стручно мислење може да се смета и за објективно и за актуелно.
Кога за прв пат бил продолжен престојот на господинот Миклиќ, Апелациониот суд му наложил на првостепениот суд да побара ново вештачење, но тој не го сторил тоа. Со оглед на тоа што г-дин Миклиќ и претходно демонстрирал промени во психичката состојба, како и за да се добијат што попрецизни информации за неговата психичка состојба во моментот на барањето за путање на слобода, судот требало во тој момент, во најмала рака, да побара ново лекарско вештачење.
Горенаведеното значи дека, според Судот, не било неопходно тој да испита дали подносителот требало да биде задржан во психијатриски притвор или не. Според тоа, дошло до повреда на член 5 став 1.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права