10 Авг Родова рамноправност во медиумите во Босна и Херцеговина
На 15.07.2022., Советот на Европа ја објави студијата за „Медиумите и родот: Кон урамнотежена родова застапеност и учество во медиумите во Босна и Херцеговина“ (Студија). Студијата служи како основа за развој на интервенции за медиумска и информациска писменост (МИП) во Босна и Херцеговина. Студијата се фокусира на два концептуални столба, имено: 1) учество и 2) претставување, и се осврнува на начинот на којшто медиумите го одразуваат, го репродуцираат и можат да го обликуваат претставувањето и учеството во јавниот живот. Во неа, меѓу другото, се елаборира и контекстот специфичен за политиката, вклучувајќи ги регионалните динамики и норми, улогата на активизмот фокусиран на родовата рамноправност и изградба на заедницата.
Земајќи ги предвид локалните потреби и пречки, Студијата нуди препораки и релевантни ресурси насочени кон поттикнување и негување на критичкото размислување за родот и пристап кон родот како кон заеднички елемент и камен-темелник на холистичката МИП, со незаменливи импликации за одржливи медиуми и информирана јавност.
Студијата е структурирана на следниов начин: првото поглавје ги презентира клучните концепти и заедничкиот родов и медиумски вокабулар; второто поглавје нуди краток преглед на законодавните и институционалните рамки во Босна и Херцеговина, давајќи контекст за постоечките родови и медиумски норми и трендови; третото поглавје ги комбинира тие анализи и предлага ресурси за развој на интервенции насочени кон МИП, заради подобрување на статусот на учеството и застапеноста на жените во Босна и Херцеговина.
Оваа студија е направена со поддршка на Советот на Европа и неговата акција „Медиумска и информациска писменост: за човекови права и поголема демократија“, во рамките на Акцискиот план на Советот на Европа за Босна и Херцеговина за 2018-2021 година. Мислењата изразени во ова дело се одговорност на авторот(ите) и не ја одразуваат нужно официјалната политика на Советот на Европа.
Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд за човекови права