11 Јун Судот на правдата на Европската унија пресуди дека сите земји-членки на ЕУ мора да ги признаат правата на хомосексуалните сопружници
Во предметот на Релу Адријан Коман и други против Генералниот инспекторат за имиграција и други (пресуда бр C-673/16, 2018/06/05.), Европскиот суд на правдата заклучи дека терминот “брачен другар” во Директивата за слобода на движење (Директива 2004/ 38 /EC на Европскиот парламент и на Советот од 29 април 2004 година), е родово неутрален термин, и истиот се однесува и на сопружниците од ист пол.
Во овој предмет, жалителите Релу Адријан Коман, романски државјанин, и Роберт Клабур Хамилтон, државјанин на САД, живееле заедно во САД пред да се венчаат во Брисел во 2010 година. Во декември 2012 година, Коман и неговиот сопруг ги контактирале романските власти со цел да добијат информации за постапката и условите под кои г-дин Хамилтон, како член на семејството на г-дин Коман, може да добие право на постојан престој во Романија. Барањето се засновало на Директивата за слобода на движењето, која им овозможува на брачните другари на државјанините на ЕУ да живеат заедно со своите сопружници кои ги исполнуваат условите од Директивата за слободно движење во друга земја-членка на Унијата.
Како одговор на ова барање, романските власти навеле дека во Романија г-дин Хамилтон не се смета за ,,сопружник” на граѓанин на ЕУ бидејќи Романија не признава брак меѓу лица од истиот пол (,,хомосексуален брак”).
Поради тоа, жалителите поднеле тужба пред романските судови со цел да се утврди постоење на дискриминација врз основа на сексуална ориентација во остварувањето на правото на слобода на движење во рамките на ЕУ. Уставниот суд на Романија подоцна побарал мислење од Судот на правдата за тоа дали г-дин Хамилтон може да се смета за ,,брачен другар” на граѓанин на ЕУ, кој го остварува своето право на слобода на движење и дали по таа основа мора да му биде одобрен постојан престој во Романија.
Судот, пред сè, истакна дека Директивата за слобода на движењето не може да го гарантира изведеното право на постојано населување на г-дин Хамилтон, кој не е државјанин на ЕУ, со оглед на тоа што Директивата ги уредува само условите под кои државјанините на земјите-членки на ЕУ можат да влезат на територијата на друга земја-членка и да престојуваат во неа. Судот, сепак, истакна дека во одредени случаи може да им се признае ова право и на граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, а кои се членови на семејствата на граѓаните на ЕУ, во согласност со член 21 (1) од Договорот за функционирањето на ЕУ и правото на граѓаните на ЕУ и нивните членови на семејството слободно да се движат и престојуваат на територијата на земјите-членки.
Судот нагласи дека земјите-членки на ЕУ и понатаму имаат слобода да одлучат дали ќе дозволат склучување на хомосексуални бракови на својата територија, но одбивањето на земја-членка да му признае на државјанин на ЕУ истосполен брак кој е легално склучен во друга држава, а со цел добивање на дозвола за привремен престој, претставува мешање во неговото право на слобода на движење на територијата на земјите-членки на ЕУ.
Преземено од официјалниот веб сајт на Судот на правдата на Европската унија