27 Сеп Употребата на приватна преписка по електронска пошта како доказ во постапката за развод не довела до повреда на членот 8
Во предметот на М.П. против Португалија (жалба бр. 27516/14, 07.09.2021) Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека не дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот живот и преписката) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на подносителка која се жалеше на фактот дека нејзиниот поранешен сопруг не бил казнет во кривична постапка од страна на португалските судови за пристап до е -пошта што таа ја разменувала на страницата за неформално дружење и за нивното поднесување како докази во граѓанска постапка за заедничко вршење на родителското право и постапка за развод, поведена од него пред португалските судови. На крајот, жалителката прво се обратила до шпанските судови (а не португалските судови, пред кои нејзиниот сопруг повел постапка), кои донеле одлука во постапката за развод на бракот и ѝ доделиле право на самостојно вршење на родителското право на мајката, а на нејзиниот сопруг право на одржување лични односи со детето.
Во однос на португалскиот правен систем, Судот забележа дека пристапот до содржината на писма или телекомуникации без согласност на учесниците во преписката и откривањето на нивната содржина е казниво според кривичното право. Тој истакна дека, по кривичната пријава поднесена од подносителката на жалбата заради прекршување на тајноста на нејзината преписка, обвинителството пред надлежниот суд во Лисабон отворило истрага. Покрај тоа, подносителката бил овластена да учествува во кривичната постапка како „assistente“, што ѝ овозможило да игра активна улога во тие постапки и да поднесе барање за надомест на штета кога барала да се отвори истрага, но таа
не го сторила тоа, со што се откажала од оваа можност. Оттаму, може да се изведе заклучок дека во случаи како што е нејзиниот случај, постојниот правен систем во Португалија обезбедува соодветна заштита на правото на почитување на приватниот живот и тајноста на преписката.
Во однос на пристапот до е -поштата, Судот забележа дека Апелациониот суд во Лисабон утврдил дека жалителката му дала на нејзиниот сопруг целосен пристап до нејзината сметка за е-пошта на веб страницата за состаноци/дружење и дека, како последица на тоа, овие пораки биле дел од приватниот живот на нив како пар. Според мислењето на Судот, образложението на националните власти во врска со заедничкиот пристап до преписката на сопружниците било отворено за дебата, особено затоа што во овој случај имало причини да се верува дека дозволата што конечно му ја дала жалителката на сопругот била дадена во ситуација на конфликт. Меѓутоа, заклучокот донесен од домашните судови во врска со прашањето за пристап до тие мејлови не изгледал доволно произволен за Судот да ја замени сопствената проценка со нивната.
Во однос на приложувањето на таквите мејлови како докази во постапката за развод и добивање на заедничко вршење на родителското право, Судот се согласи со Апелациониот суд во Лисабон во врска со релевантноста на овие пораки во предметната граѓанска постапка. Меѓутоа, тој повтори дека, во таква ситуација, мешањето во приватниот живот што произлегува од откривањето на таквите информации мора да биде ограничено, колку што е можно, на она што е строго неопходно. Во конкретниот случај, Судот оцени дека ефектите од откривањето на предметните мејлови врз приватниот живот на жалителката биле ограничени: тие пораки биле обелоденети само во граѓанската постапка, а јавниот пристап до досиејата бил ограничен во овој вид постапки. Покрај тоа, пораките за кои станува збор не биле испитани во пракса, бидејќи Судот за семејно право во Лисабон на крајот не донел одлука за основаноста на барањата на сопругот.
Како последица на тоа, Европскиот суд не сметаше дека постои силна причина да го замени мислењето на националните судови со сопственото мислење во овој предмет, бидејќи португалските власти постигнале рамнотежа меѓу спротивставените интереси, во согласност со критериумите утврдени во неговата судска пракса. Оттаму, во овој случај нема повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права