Услов за престој за остварување на правото на детски додаток

Во својата одлука во предметот X и други против Ирска (жалба бр. 23851/20 и 24360/20, 22.06.2023 година), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека немало повреда на член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права, ниту на член 1 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата за човекови права (заштита на имот).

Предметот се однесува на правилото дека исплатата на детски додаток во Ирска може да се изврши само на барателите кои законски престојуваат во државата.

ЕСЧП наведе дека, ако не постоел условот за остварување на правото во однос на кој се жалеле мајките-жалителки – дозвола за престој во Ирска, тие би имале право на детскиот додаток. Според тоа, членот 14 заедно со член 1 од Протоколот бр. 1 е применлив.

ЕСЧП повтори дека при оценувањето на дискриминацијата според член 14, важно е жалителите да се споредат со поединци во слична ситуација и ја истакна деталната проценка на Врховниот суд во однос на прашањата на споредливост. ЕСЧП се повика и на суштински националниот карактер на системите за социјално осигурување, со оглед на тоа дека на меѓународно ниво е прифатено државите да можат да ги ограничат правата на своите жители, а дополнително можат да го контролираат и влезот на својата територија. Во Ирска, детскиот додаток е достапен за сите категории на жители со дозвола за престој.

Понатаму, ЕСЧП утврди дека ситуациите на жалителите во времето кога тие првпат поднесле барање за детски додаток не биле споредливи со ситуациите на лицата кои веќе имале регулиран престој во Ирска. Ниту X ниту Y немале статус еквивалентен на дозвола за престој во релевантниот период. Според тоа, ЕСЧП утврди дека, во околностите на овој предмет, не постоеле разлики во третманот. Оттука, жалбата за дискриминација во однос на подобноста за детски додаток беше одбиена, а ЕСЧП заклучи дека немало повреда на член 14.

Преземено од официјалниот  веб-сајт на Европскиот суд за човекови права