Чувањето на лични податоци и користењето на нови технологии во спротивност со Конвенцијата

Во предметот Гогран против Велика Британија (жалба бр. 45245/15, 13.02.2020) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот ) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на жалба во врска со неограниченото чување на лични податоци (ДНК профил, отпечатоци од прсти и фотографија) на човек кој бил осуден и рехабилитиран за делото возење под дејство на алкохол во Северна Ирска. Судот утврди дека чувањето на ДНК-профилот, отпечатоците од прсти и фотографијата на жалителот претставувало мешање во неговиот приватен живот чија легитимна цел било откривањето, а со тоа и спречувањето на кривично дело.

ЕСЧП ја потенцираше важноста на разгледувањето на прашањето поврзано со правата на приватност онаму каде што овластувањата на државата се нејасни и каде достапната технологија е сé пософистицирана. На пример, технологијата која овозможува фотографирање и мапирање на лицето веќе напреднала откако предметот беше разгледуван од домашните судови.

Судот сметаше дека мнозинството земји-членки имаат законодавни рамки кои предвидуваат временско ограничување на чувањето на биометриските податоци, односно отпечатоците од прсти и ДНК-профилите, на осудените лица. Велика Британија беше една од ретките јурисдикции во Советот на Европа која дозволуваше неограничено чување на ДНК-профилите. Полето на слободна проценка, конкретно во однос на ДНК-профилите, беше намалено.

Судот подвлече дека за донесување на ваквата одлука не било од пресудно значење времетраењето на чувањето на податоците, туку отсуството на заштитни мерки. Од пресудна важност било постоењето и функционирањето на заштитните мерки. Во случајот на жалителот, неговите лични податоци биле чувани на неодредено време, без да се земе предвид сериозноста на делото за кое бил осуден, потребата од таквото неограничено чување и без  реална можност за ревизија.

Забележувајќи дека користената технологија била пософистицирана од онаа што ја разгледувале домашните судови во овој предмет, особено кога станува збор за складирањето и анализата на фотографии, Судот утврди дека при чувањето на податоците на жалителот не била постигната рамнотежа помеѓу јавниот и приватниот интерес.

Оттаму, тужената држава го пречекорила прифатливото поле на слободна проценка, а чувањето на податоците претставувало непропорционално мешање во правото на почитување на приватниот живот на жалителот, што не може да се смета како неопходно во едно демократско општество. Според тоа, овде дошло до кршење на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права