07 Јан ЕСЧП за одбивањето на српските власти да издадат патна исправа за бегалците во Србија
Во предметот С.Е. против Србија (претставка бр. 61365/16, 11.7.2023 година) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди повреда на член 2 став 2 од Протоколот бр. 4 од Европската конвенција за човекови права која го гарантира правото на слобода да се напушти секоја земја. Предметот се однесува на одбивањето на српските власти да издадат патна исправа за бегалец поради отсуство на прописи за спроведување на домашниот закон за азил.
Подносителот на жалбата добил статус на бегалец во 2015 година поради политички активности во Сирија и општата безбедносна ситуација во земјата. При поднесување барање за патна исправа врз основа на доделен статус, тој бил известен од Министерството за внатрешни работи дека не може да му биде издадена патната исправа бидејќи, според постојните прописи, за издавање на таквите документи е потребно супсидијарно законодавство кое не постоело во тој момент.
Како одговор на одбивањето, подносителот на претставката поднел уставна жалба во која се наведува дека Министерот за внатрешни работи не ги усвоил релевантните прописи, што само по себе го спречувало да добие патна исправа со која би му се овозможило патување надвор од Србија. Сепак, Уставниот суд ја отфрлил жалбата со образложение дека жалбите може да се поднесуваат само против конкретни дејствија, а не против непостапување или неусвојување на општи правни акти, поточно неусвојување на супсидијарно законодавство.
Владата тврдела дека со оглед на тоа што државата не можела да му издаде патна исправа од технички причини, без каква било намера да ја ограничи неговата слобода на движење, спорното непостапување би можело да предизвика само повреда на правото на патна исправа според Конвенцијата за белалците.
Сепак, ЕСЧП наведе дека аргументот дека одбивањето на државата да му издаде патна исправа на жалителот не било последица на рестриктивни мерки со цел да му се забрани да ја напушти Србија, не го прави овој член неприменлив, се додека последиците предизвикани од дејствијата или пропустите на државата можеби го спречиле да го стори тоа.
Покрај тоа, во однос на аргументот на Владата дека одбивањето да се издаваат патни исправи не било сторено со конкретна намера да се ограничи слободата на движење, туку се должело на недостаток на финансиски средства, Судот изјави дека „економската благосостојба на земјата и разгледувањето на финансиските прашања не се ни меѓу легитимните цели наведени во член 2 став 3 од Протоколот бр. 4 и затоа истите не може да оправдаат ограничување на нечие право да ја напушти земјата“. Судот, исто така, истакна дека „овој предмет јасно се разликува од другите предмети каде што ЕСЧП ја испитувал недоволноста на ресурсите во контекст на продолжената конфронтација на државите со ненадеен и квантитативно значаен прилив на бегалци и непропорционален притисок врз нивните системи за азил“.
Конечно, ЕСЧП заклучи дека одбивањето да се издаде патна исправа за бегалците во период од седум години, поради отсуство на соодветни прописи, го нарушува правото на жалителот слободно да ја напушти Србија и затоа утврди повреда на член 2 став 2 од Протоколот бр. 4 на Конвенцијата.