Одржано рочиште на Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права во предметот Грузија против Русија (II)

Европскиот суд за човекови права одржа рочиште на 23 мај 2018 година во предметот Грузија против Русија (II) (број на жалба 38263/08). Предметот се однесува на вооружен конфликт меѓу Грузија и Руската Федерација, кој се случил во август 2008 година.

Жалбата беше поднесена до Европскиот суд за човекови права на 11 август 2008 година во согласност со член 33 од Европската конвенција за човекови права, со барање за примена на привремени мерки според правилото 39 од Деловникот на Судот. На 12 август 2008 година, Претседателот на Судот, во својство на Претседател на Судскиот совет, одлучи да се примени правилото 39. Според правилото 39 од Деловникот на Судот, Европскиот суд може, по барање на странката, било друго заинтересирано лице или по сопствена иницијатива, да побара од Владата на која се однесува жалбата да преземе привремени мерки. Судот ќе бара привремени мерки во случај на постоење на ризик од сериозна и непоправлива штета. Примената на правилото 39 потоа беше неколку пати продолжена и сè уште е на сила.

Овој предмет ги доведува во прашање следните членови од Конвенцијата: член 2 (право на живот), член 3 (забрана на мачење, нечовечко и понижувачко постапување), член 5 (право на слобода и безбедност), член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) и член 13 (право на ефективен правен лек), како и членовите 1 и 2 од Протоколот бр. 1 (заштита на имот и право на образование) и член 2 од Протоколот бр. 4 (слобода на движење) од Европската конвенција.

По рочиштето на 22 септември 2011 година, Советот во декември 2011 година, изјави дека жалбата е допуштена, без прејудицирање на меритумот на предметот. Во април 2012 година, предметот му беше доделен на Големиот судски совет. Судот досега сослушал вкупно 33 сведоци, од кои 16 биле предложени од страна на владата на Грузија, 11 од страна на владата на Руската Федерација и шест директно од страна на Судот.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права