21 Мај Пресуда во предметот Љатифи против Поранешната Југословенска Република Македонија
Во предметот Љатифи против Поранешната Југословенска Република Македонија (жалба бр. 19017/16 од 2018/05/17 година) Европскиот суд за човекови права со шест гласови за и еден глас против утврди дека дошло до повреда на членот 1 од Протоколот бр. 7 (заштита во постапката на протерување на странци) од Европската конвенција за човекови права.
Жалителката, Ѓилисара Љатифи, е српска државјанка која го напуштила Косово со своето семејство и се преселила во Поранешната Југословенска Република Македонија. На жалителката ú бил одобрен азил и привремен престој во Поранешната Југословенска Република Македонија. Нејзината дозвола за престој ú bila продолжувана до 2014 година, кога Министерството за внатрешни работи ú го укинало правото на азил, сметајќи дека таа претставува ризик за националната безбедност. Нејзините обиди да ја оспори таквата одлука пред управните судови биле неуспешни. Националните судови, повикувајќи се на доверлива белешка добиена од Националната aгенција разузнавање, ги прифатиле тврдењата на Министерството дека жалителката претставува ризик за националната безбедност. Судот утврдил дека, дури и кога станува збор за националната безбедност, би требало да постои можност одлуките кои се однесуваат на депортација да се оспорат во контрадикторна постапка пред независен орган или суд. Меѓутоа, во случајот на жалителката, тврдењето на Министерството дека таа претставува “ризик за (националната) безбедност” било едноставно прифатено без наведување на други факти кои би ја поткрепиле таквата одлука.
Националните судови само навеле дека Министерството ја засновало својата одлука на доверлив документ добиен од страна на Агенцијата за разузнавање. Наведениот документ не ú бил достапен на жалителката во текот на постапката пред Министерството или судовите. Според тоа, Судот заклучил дека дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр.7 од Конвенција. Судот, исто така, утврдил дека Поранешната Југословенска Република Македонија има обврска да ú исплати на жалителката 2.400 евра (ЕУР) за нанесена нематеријална штета, а 1.600 евра (ЕУР) за судски и други трошоци (правичен надомест – член 41 од Конвенцијата).
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права