Неизвршување на судски пресуди од страна на домашните судови поврзани со правата за одржување лични односи со дете

Европскиот суд за човекови права утврдил дека дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата во предметот Вишнијаков против Украина (број на претставка 25612/12 од 24.7.2018 година) Предметот се однесувал на правото на тужителот да одржува лични односи со ќерката после разводот на бракот во 2009 година.

Во јуни 2009 година, после разводот, домашните судови му го одобриле правото да ја гледа својата двегодишна ќерка три пати неделно. Тужителот поднел предлог за извршување на таа пресуда, но пресудата никогаш не била извршена.

Најпрво, во есента 2009 година, извршителите не покренале постапка за извршување на пресудата, затоа што таквата процедура не била определена со закон. Подоцна, во 2012 година, извршителот сметал дека пресудата од јуни 2009 година е извршена во целост, затоа што мајката на детето била запознаена со изречената пресуда. Оваа одлука ја потврдиле домашните судови. Тужителот потоа покренал низа други постапки, жалејќи се дека мајката одбива да се придржува кон својата обврска утврдена со пресудата, а поднел и барање за надомест на штета. Исто така, тој повеќе пати се жалел и во полиција.

Во 2014 година, тужителот побарал од судовите да извршат измена на живеалиштето на неговата ќерка во Миколаив, каде што живеел тој, затоа што мајката и ќерката во меѓувреме се преселиле на оддалеченост од 600 километри, во Селидов, Доњецк. Меѓутоа, судовите го отфрлиле неговото барање, отфрлајќи ги аргументите на тужителот дека бил во подобра финансиска ситуација од мајката, којашто била невработена, како и дека Селидов бил во зоната на судири и опасен за детето.

Тужителот се повикал на членот 8 од Конвенцијата пред судот и посебно се жалел за неизвршување на пресудата со којашто му е доделено право за одржување лични односи со ќерката. Судот сметал дека, во текот на постапката за извршување на пресудата, властите не ја разгледале можноста за доброволно исполнување на обврската утврдена со пресудата. Освен тоа, отсуството на мерки за доброволно исполнување на пресудата значајно ја намалило можноста за соработка помеѓу родителите коишто имаат спор.

Освен тоа, не се преземени ниту принудни мерки за извршување на пресудата. Судските извршители имале овластувања да изречат казни и да побараат кривично гонење на поранешната сопруга на тужителот поради непочитување на судската пресуда, но, од непознати причини тие овластувања не се искористени.

Во овие околности, Судот заклучил дека домашните власти не ги презеле неопходните, доволни и итни мерки за да го обезбедат правото на подносителот на претставката за одржување лични односи со ќерката. Ниту една мерка за извршување на пресудата, не била преземена повеќе од шест години. Според тоа, Судот утврдил дека дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата поради неизвршување на пресуда со којашто на подносителот на претставката му е доделено право на одржување лични односи со дете.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права