18 Дек Ограничувања на семејните посети во затворите
Европскиот суд за човекови права сметаше дека има повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права во предметот на Ресин против Русија (жалба 9348/14, 18.12.2018 година). Предметот се однесуваше на жалбата на осуден затвореник во врска со ограничувањата на посетите на семејството. Жалителот, Андреј Ресин, е руски државјанин кој отслужува доживотна казна во регионот Свердловск (Русија). Тој ја отслужувал казната од 2012 до 2014 година во казнената колонија ИК-56 во регионот Свердловск, кој се наоѓа 7.000 километри од неговиот роден град Хабаровск. Додека ја отслужувал казната таму, дозволени му биле шест кратки посети од неговото семејство; при таквите средби стаклена преграда го одделувала од членовите на семејството, а средбите биле надгледувани од затворски службеник. Тој упатил барање да добие право на посети без такви ограничувања, но истото било одбиено. Кога бил префрлен во притворска установа во Хабаровск на два месеца во 2014 година, како дел од истрагата, тој побарал да му се одобрат како кратки, така и долги посети од страна на семејството. Гувернерот го одбил неговото барање за долги посети со образложение дека според закон долги посети не им се дозволуваат на осудените затвореници одведени од затвор во притворска установа, како дел од истрагата.
Повикувајќи се на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот), г-дин Ресин се жалеше дека ограничувањата на семејните посети во затворската и притворската установа биле претерани.
Судот утврди дека Владата не ја објаснила легитимната цел, ниту дала оправдување за оспорената мерка. Исто така, не биле дадени никакви информации што би можеле да го објаснат изборот на општи политики направен од страна на законодавецот во смисла на недозволување на долги семејни посети на лицата, кои биле во ситуација како и жалителот, да бидат преместени во притворска установа. Спротивно на тоа, ,, фиксните” категории осудени затвореници, вклучувајќи ги и оние кои ја издржувале казната во истата притворска установа во кое бил префрлен жалителот, не го загубиле своето право на долготрајни посети. Судот, исто така, забележува дека притворската установа во Хабаровск била опремена со соодветни простории за долготрајни посети. Оттаму, Судот заклучи дека ограничувањето немало легитимна цел и не било ,,неопходно во едно демократско општество”.
Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права