Неказнувањето на полицијата за прекумерна употреба на сила доведе до повреда на Конвенцијата

Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 2 од Европската конвенција за човекови права во предметот Хасан Кесе против Турција (жалба бр. 15014/11, 18.12.2018). Жалителот, Хасан Кесе, е турски државјанин кој живее во Измир (Турција). Предметот се однесува на неговите наводи дека полициски службеник пукал во него и му нанесол сериозни повреди, без потоа да биде казнет.

Г-дин Кесе наведува дека бил застрелан во јануари 2007 година од страна на еден од неколкуте полициски службеници кои ги запреле него и неговиот брат додека со своето комбе оделе на работа. Според него, полициските службеници се вознемириле кога браќата побарале да ги видат нивните документи за идентификација. Тие почнале да го удираат неговиот брат и го прснале жалителот со солзавец. Кога жалителот зел дрвен стап за да се брани, еден од полицајците пукнал три пати кон него, погодувајќи го во стомакот. Докторите во болницата изјавиле дека неговата повреда е животозагрозувачка.

Во 2008., на жалителот му е поставена дијагноза нарушување како последица на  пост-трауматски стрес и тешка депресија како резултат на тоа што бил застрелан, додека во еден извештај од 2010 година издаден од болница во Измир се наведува дека неговата работоспособност е намалена за 27%. Судот утврдил дека полицискиот службеник е виновен за употреба на прекумерна сила и нанесување животозагрозувачка повреда. Судот го осудил службеникот на пет месеци затвор, но го суспендирал изрекувањето на пресудата, како што е дозволено според домашното право (имено, член 231 од Кривичниот законик).

Приговорот на г-дин Кесе во однос на суспендирањето на пресудата бил одбиен во 2010 година. Постапката за обесштетување против Министерството за внатрешни работи сè уште е во тек. Повикувајќи се особено на член 2 (право на живот), г-дин Кесе се жали дека на полицискиот службеник кој го застрелал и му нанесол повреда му била изречена многу блага казна, која, во секој случај, никогаш не била спроведена. Тој нагласи дека полицискиот службеник не бил казнет и покрај фактот дека бил прогласен за виновен од кривичен суд.

Судот утврди дека системот на кривично право, како што е применет во конкретниот случај, се покажал како далеку од ригорозен и имал мал ефект на одвраќање со кој се обезбедува ефективна превенција на незаконски дејствија, како што се оние на кои се жали подносителот на жалбата. Поради тоа, Судот утврди повреда на член 2 од Конвенцијата.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права