07 Мар Голем број на тужби поднесени против новинарите во Хрватска
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, изрази загриженост во врска со големиот број тужби поднесени против новинари и медиуми од страна на политичарите и функционерите во Хрватска и тековниот спор во кој е вклучен јавниот радиодифузен сервис ХРТ. И двете прашања би можеле негативно да влијаат врз слободата на медиумите во Хрватска, предупреди тој.
Според Здружението на новинарите на Хрватска (ЗНХ), постојат над 1.100 тековни тужби против новинари и медиуми во земјата. Многу од нив се поднесени од страна на политичарите и јавните личности и се однесуваат на делото “срамотење/нарушување на углед”, кое се уште е дел од хрватскиот Кривичен законик.
,,Толку големиот број на судски постапки против новинарите е зачудувачки”, рече Дезир. ,,Законите за клевета не треба да се злоупотребуваат со цел да се заплашат новинарите. Повикувам на бришење на ,,срамотењето/нарушувањето на углед” како дело од законодавството и на целосна декриминализација на клеветата.”
Тој, исто така, истакна дека 36 тужби се поднесени од страна на јавниот радиодифузен сервис ХРТ против новинари, меѓу кои спаѓаат и нивни вработени. ХРТ, исто така, поднела тужба и против Претседателот на Здружението на новинари на Хрватска (ЗНХ), Хрвоје Зовко, и Претседателката на огранокот на ЗНХ на ХРТ, Сања Миклеушевиќ Павиќ.
,,Го повикувам ХРТ да се вклучи во конструктивен вонсудски дијалог со новинарите и да ги реши тековните спорови”, рече Дезир. ,,Пофално е што процесот на помирување започна во некои од случаите, и ова, се надевам, ќе резултира со отфрлање на сите обвиненија против новинарите”.
Преземено од официјалната веб-страница на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)