Доживотна казна затвор

Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 3 (забрана за нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција за заштита на човековите права во предметот Петухов против Украина (бр. 2) (жалба/претставка бр. 41216/13, 12.03.2019).

Европскиот суд  веќе утврди повреда на членот 3 од Конвенцијата во друга претставка поднесена од г-дин Петуков (бр.43374/02) во врска со несоодветната медицинска грижа додека бил во затвор, кој не е опфатен со овој предмет, односно се однесува на периодот пред јули 2010 година кога тој беше префрлен во затворската болница во Керсон.

Претставката бр. 41216/13 главно се однесува на жалбата на еден затвореник на фактот што украинскиот закон не предвидувал условно пуштање на слобода на затвореници осудени на доживотна казна затвор.  Г-дин Петуков, жалителот, бил на отслужување на доживотна казна затвор од 2004 година.

Судот утврди дека дошло до повреда на членот 3 бидејќи г-дин Петуков немал изгледи за ослободување или можност за преиспитување на неговата казна доживотен затвор. Поконкретно, помилувањето од Претседателот, единствената постапка за ублажување на казната доживотен затвор во Украина, не била јасно формулирана, ниту пак нудела соодветни процедурални гаранции против злоупотреба.

Со оглед на систематскиот карактер на проблемот, Судот во согласност со членот 46 (имплементација) сметаше дека Украина треба да го реформира својот систем за преиспитување на казната доживотен затвор преку разгледување во секој поединечен случај дали е оправдан понатамошниот затвор и преку овозможување на затворениците осудени на доживотна казна затвор да предвидат што треба да направат за да се разгледа нивниот случај во смисла на можно ослободување и под кои услови.

Жалителот понатаму навел, според член 3, дека условите на неговото затворање во двете затворски установи во Керсон биле лоши и дека несоодветната здравствена заштита која ја добил во затвор резултирала со неповратно влошување на неговото здравје. Имајќи го предвид бројот на други случаи против Украина во кои Судот веќе забележал несоодветна медицинска грижа за пациентите кои боледуваат од туберкулоза, тој сметаше дека дошло до повреда на членот 3 поради неспособноста на властите да го заштитат здравјето на г-дин Петуков во затвор од моментот кога тој бил преместен во затворската болница во јули 2010 година.

Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права