Неуспехот да се спроведе соодветна истрага за обвиненијата за силување предизвика сомневање за системот воспоставен од страна на романската држава во контекст на нејзините преземени меѓународни обврски

Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 3 (забрана на нечовечко или понижувачко постапување) и член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) во предметот на E.Б. против Романија (жалба бр. 49089/10, 19.03.2019).

Овој предмет се однесуваше на жалбата на поднесителката дека нејзините обвиненија за силување не биле соодветно испитани и дека била лишена од своите процедурални права. Државните органи одлучиле да не покренат кривична постапка во нејзиниот случај, а потоа ја одбиле нејзината жалба против таквата одлука врз основа на тоа дека форензичкото испитување не ги докажало наводите за силување.

Судот утврди дека властите не успеале да спроведат соодветна истрага и ставиле преголем акцент на фактот дека таа не му се спротивставила на својот наводен напаѓач. Властите кои работеле на  предметот на г-ца Е.Б. биле соочени со противречни тврдења и нивната задача била да се утврди дали сексуалниот однос бил израз на слободната волја на двајцата. Во такви ситуации потребни се проценки на кредибилитетот на дадените изјавите кои би биле директно поврзани со конкретниот контекст и испитување на околностите на настанот. Тоа би можело да вклучи и испитување на лица кои ги познаваат двете страни за да се утврди веродостојноста на секој од нив, а може дополнително да биде потребна и психолошко вештачење. Сепак, овие чекори не биле преземени.

Поради тоа што жалителката била лице со блага интелектуална попреченост, во нејзиниот случај била потребна истрага која би го зела предвид целиот контекст на настанот, но тоа овде недостасувало. Пристапот на властите ги поткопал правата на жалителката како жртва на насилство, го лишил домашното право од една од неговите цели, а тоа е делотворно казнување и  гонење на делата поврзани со сексуално насилство и предизвикал сомневање за системот воспоставен од страна на романската држава според нејзините преземени меѓународни обврски.

Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права