Видео надзорот на затворениците довел до кршење на правата на приватност

Во предметот на Горлов и други против Русија (жалба бр. 27057/06 и 2 други), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права („Конвенција“) и повреда на член 13 (право на делотворен правен лек) во врска со член 8.

ЕСЧП понатаму утврди со мнозинство гласови дека утврдувањето на кршењето само по себе е доволна правична сатисфакција за нематеријалната штета претрпена од жалителите.

Жалителите, Игор Ивгениевич Горлов, Денис Викторович Вахмистров и Виктор Валериевич Саблин се руски државјани. Првите двајца во моментов издржуваат казни во казнени институции во регионот Краснојарск (Русија). Третиот жалител живее во Шилка во областа Забајкалски (Русија).

Предметот се однесуваше на постојаниот видео надзор на притворениците во нивните ќелии. Тие постојано биле под постојан надзор од затворските чувари, вклучително и од женските чувари, преку CCTV-камера поставена внатре. Во ќелиите CCTV-камерата била инсталирана над вратата, на ниво на таванот, така што целата ќелија била јасно видлива, вклучително и креветот и некои делови од тоалетот.

ЕСЧП утврди дека релевантните законски одредби предвидуваат само општо правило со кое се дозволува управата на затворите и притворските одделенија да спроведува видео надзор. Поконкретно, законските одредби не наведуваат, на пример, дали заедничките простории и просториите во кои живеат затворениците треба да бидат предмет на надзор; во кое време од денот треба истиот да се одвива; условите под кои би се одвивал и неговото времераење; постапките кои би требало да се применат и друго. Поточно, ЕСЧП утврди дека домашната правна рамка која се однесува на постојаниот видео надзор не е доволно јасна, прецизна и детална за да обезбеди соодветна заштита од произволно мешање од страна на државните власти. Затоа, тој заклучи дека применетата мерка не е „во согласност со закон“, како што е предвидено во член 8, став 2 од Конвенцијата. Според тоа, дошло до кршење на член 8 од Конвенцијата.

ЕСЧП утврди дека г-дин Вахмистров и г-дин Саблин немале на располагање делотворен домашен лек за заштита на нивните права според член 8 од Конвенцијата, спротивно на членот 13 од Конвенцијата. Суштината на нивната жалба беше отсуството на какви било значајни домашни правни лекови во нивната специфична ситуација под постојан видео надзор, што негативно влијаело врз нивната приватност.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права