Повредата на правото на образование на затвореници поради одбивањето на надлежните органи да им дозволат пристап до компјутер и интернет

Во предметот на Мехмет Ресит Арслан и Орхан Бингол против Турција (жалба бр. 47121/06, 18/06/2019), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 2 од Протоколот бр. 1 (право на образование) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“).

Предметот се однесуваше на правото на образование на двајца осудени затвореници. Откако биле осудени на доживотна казна затвор и искажале желба да продолжат со студиите, кои им биле прекинати со осудителната пресуда, тие побарале од затворските власти да им дозволат да користат компјутер и да им овозможат пристап до интернет. Нивните барања биле одбиени, а подоцнежните вложени жалби против таа одлука биле неуспешни.

ЕСЧП во својата одлука повтори дека важноста на затворското образование е признаена од страна на Комитетот на министри во своите препораки за затворското образование и во Европските правила за затворите.

ЕСЧП, исто така, забележа дека домашните власти навеле различни причини за да го оправдаат одбивањето на барањата на жалителите. Барањето поднесено од г-дин Арслан било одбиено врз основа на мислењето на затворските власти дека тој одржувал односи со другите затвореници кои биле членови на истата нелегална организација и дека не се запишал на ниту една обука. Г-дин Бингол, исто така, не започнал со ниту една обука, а бил и дисциплински казнет во повеќе наврати.

Сепак, ЕСЧП забележа дека националните судови не спровеле подетална анализа на безбедносните ризици во овој случај. Покрај тоа, тие не ги процениле правилно различните интереси за кои станува збор и не ја исполниле својата должност да спречат било каква злоупотреба на овластувањата од страна на управата. Во овие околности, ЕСЧП не беше убеден во причините кои ги навеле властите за да го оправдаат одбивањето да им овозможат на г-дин Арслан и г-дин Бингол користење на аудио-визуелен материјал и компјутери, како и пристап до Интернет. ЕСЧП заклучи дека домашните судови не успеале да постигнат правична рамнотежа помеѓу правото на подносителите на жалбата на образование според член 2 од Протоколот бр. 1, од една страна, и потребата да се одржи јавниот ред, од друга страна. Имајќи го предвид горенаведеното, ЕСЧП утврди дека дошло до кршење на член 2 од Протоколот бр.1 во однос на двајцата жалители.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права