25 Сеп Примена на Хашката конвенција за граѓанските аспекти на меѓународното киднапирање на деца
Во предметот Андерсен против Летонија (жалба бр. 79441/17, 19.9.2019), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не утврди повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата), но утврди дека дошло до повреда на член 6 од Конвенцијата – во однос на правото на контрадикторна постапка и начелото еднаквост на оружјата.
Жалителката е Кери Андерсен, државјанка на Летонија, родена во 1970 година. Предметот се однесуваше на налогот на латвискиот суд да ја врати ќерката на жалителката во Норвешка, каде што живее нејзиниот татко, во согласност со Хашката конвенција за граѓанските аспекти на меѓународното киднапирање на деца (Хашка конвенција). Жалителката стапила во брак со норвешки државјанин во 2013 година, а истата година тие добиле и дете. Семејството живеело во Норвешка, но во 2017 година сопругот на жалителката се отселил од семејниот дом. Жалителката потоа се вратила во Летонија во јули истата година, земајќи го со себе и детето.
Сопругот на жалителката покренал постапка за враќање на нивното заедничко дете во Норвешка во согласност со Хашката конвенција. Во согласност со таквото барање, летонскиот суд издал налог за враќање на детето во Норвешка. Ваквиот налог се темелел на образложението дека Норвешка е вообичаено престојувалиште на детето, дека родителите имале заедничко старателство и дека жалителката го одвела детето во Летонија без согласност на таткото.
Потпирајќи се на член 6, став 1 (право на правично судење) и член 8 (право на почитување на семејниот живот) од Конвенцијата, жалителката тврдела дека летонските судови не ги зеле предвид нејзините забелешки во врска со враќањето на детето во Норвешка и не успеале да обезбедат соодветно образложение за својата одлука. Таа, исто така, се жалела дека постапката била неправична, особено затоа што не и’ било овозможено да учествува на судските рочишта пред првостепениот суд и не била застапувана од овластен претставник; дека нејзиното барање за усна расправа за време на жалбата било одбиено; и дека таа не била информирана за поднесоците на другата страна во жалбената постапка.
ЕСЧП се согласи со оценката на домашниот суд дека жалителката не формулирала било какви околности кои би требало да бидат оценети на усната расправа, и со тоа, не ја поткрепила доволно својата жалба. ЕСЧП, исто така, го имаше предвид фактот дека жалителката не изнела убедливо оправдување за своето отсуство од рочиштето на првостепениот суд. Според тоа, одлуката на Регионалниот суд во Рига да не се одржи усна расправа не може да се смета за неоправдана.
Со оглед на наводите на жалителката дека не била известена за поднесоците на другата страна, ЕСЧП утврди дека неинформирањето на жалителката за поднесоците на нејзиниот сопруг и нејзината неспособност да одговори на овие тврдења значело дека таа не можела да учествува во постапката пред Регионалниот суд во Рига во согласност со принципот на еднаквост на оружјата и правото на контрадикторна постапка. Оттаму, има повреда на член 6 од Конвенцијата.
И покрај наодите на ЕСЧП во врска со член 6, ЕСЧП не сметаше дека овој процедурален недостаток во постапките пред Регионалниот суд во Рига довел до тоа Регионалниот суд да не ги земе предвид легитимните интереси на жалителката и нејзината ќерка. Пред првостепениот суд, жалителката можеше да ги изложи своите аргументи преку нејзиниот овластен претставник, а пред апелациониот суд поднесе дополнителна жалба и неколку поднесоци. Сите аргументи изнесени од жалителката беа навистина земени предвид од страна на домашните судови, а нивните одлуки беа доволно аргументирани. ЕСЧП утврди дека домашните судови, во границите на нивното поле на слободна проценката, постигнале правилен баланс помеѓу спротивставените страни за кои станува збор, особено ако се земе предвид дека најдобрите интереси на детето мора да бидат предмет на примарно внимание. Оттаму, овде не дошло до повреда на член 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права