19 Ное Автоматското наметнување на презимето на таткото во редоследот на презимето на детето е дискриминаторско
Во предметот Леон Мадрид против Шпанија (жалба бр. 30306/13, 26.10.2021 година) Европскиот суд за човекови права, едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 14 (забрана на дискриминација) во врска со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на барањето на жалителката да се смени редоследот на презимињата под кои била заведена нејзината малолетна ќерка во матичната евиденција (родена 2005 година). Во конкретниот временски период шпанскиот закон (член 194 од Регулативата за спроведување на Законот за пријавување на новороденчиња, бракови и починати лица) предвидуваше дека во случај на несогласување меѓу родителите, детето ќе го носи татковото презиме по кое ќе следува презимето на мајката. Жалителката тврдеше дека оваа регулатива е дискриминаторска.
Судот забележа дека членот 194 од Регулативата е изменет со Законот бр. 20/2011, кој предвидуваше дека во случај на несогласување меѓу родителите, „судијата од граѓански суд“ ќе одлучи за редоследот на презимињата на детето, земајќи ги предвид пред се‘ најдобрите интереси на детето. Меѓутоа, тие нови одредби не биле применливи за ќерката на жалителката, која во тој момент имала 16 години. Автоматската примена на претходното законодавство не му дозволила на судијата да ги земе предвид жалбите на апликантката врз основа на конкретните околности на предметот; на пример, првичното инсистирање на Ј. С.Т.С таа да ја прекине бременоста или фактот што детето ги носело двете презимиња на мајката подолго од една година бидејќи таткото не ја признал како своја ќерка веднаш. Судот забележа дека двете лица кои се наоѓале во слична ситуација – жалителката и таткото на детето – биле третирани на различен начин и дека таквата разлика во постапувањето се засновала исклучиво врз основа на пол.
Оваа автоматска природа на примената на законот во конкретниот момент – која им оневозможила на домашните судови да ги земат предвид конкретните околности на предметот – не можела, според мислењето на Судот, да биде валидно оправдана според Конвенцијата. Иако правилото дека татковското презиме треба да биде на прво место во оние случаи во кои родителите не се согласуваат може да се покаже неопходно во пракса и не е нужно некомпатибилно со Конвенцијата, неможноста да се добие отстапување од ова правило имала претерано строг и дискриминаторски ефект врз жените. Покрај тоа, иако ставањето на татковското презиме на прво место би можело да има за цел обезбедување на правна сигурност, истата цел можела да биде исполнета и со тоа што ќе се стави мајчиното презиме на прво место. Поради тоа, причините наведени од Владата не биле доволно објективни и разумни за да се оправда различниот третман на кој била подвргната жалителката.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права