04 Јул Сместувањето на малолетниците во поправни установи мора периодично да се разгледува од страна на судот, земајќи ги предвид најдобрите интереси на детето
Во предметот И.Г.Д. против Бугарија (жалба бр. 70139/14, 7.6.2022), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот), земен самостојно и во врска со член 13 (право на делотворен правен лек) и член 5 став 4 (право судот да одлучува за законитоста на задржувањето малолетници во итна постапка) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот И.Г.Д. против Бугарија (жалба бр.70139/14) се однесуваше на малолетно лице кое било сместено во специјализирани институции во периодот од 2011 до 2015 година поради поголем број сторени прекршоци. Во времето на неговото првично сместување, жалителот имал 11 години. Во 2015 година, по истекот на максималниот период дозволен со закон, го префрлиле во „заштитено сместување“.
Судот утврди дека бугарскиот закон не предвидува автоматско периодично преиспитување на задржувањето малолетници од страна на суд. Судот оцени дека е соодветно да наведе дека мерката лишување од слобода на дете или адолесцент, дури и ако е од образовна природа, има влијание врз неговиот или нејзиниот физички, емоционален, социјален и когнитивен развој. Според тоа, Судот сметаше дека од најголема важност е националниот правен систем да понуди доволно редовна периодична проверка на законитоста на секоја таква мерка. Ваквата периодична проверка треба да им овозможи на судовите веднаш да донесат соодветни одлуки приспособени на околностите на малолетниците, со што ќе ги заштитат од секакво натамошно лишување од слобода онаму каде што се достапни други образовни алтернативи.
Судот, исто така, повтори дека властите биле должни да обезбедат мерката на задржување на малолетно лице да се наложува исклучиво како последно средство, во најдобар интерес на детето и дека има за цел да спречи евентуални сериозни ризици за развојот на детето. Онаму каде што овој критериум повеќе не е исполнет, основата за лишувањето од слобода престанува да постои. Според тоа, дошло до повреда на член 5 став 4 од Конвенцијата.
Судот утврди дека главниот мотив на властите бил да го казнат подносителот на претставката за она што тие го сметале за негово девијантно однесување. Заклучи дека бугарските власти не спровеле тест за утврдување на најдобриот интерес на детето и дека предметната постапка не вклучувала заштитни мерки сразмерно на сериозноста на мешањето во правото на подносителот на почитување на неговиот приватен и семеен живот и важноста на интересите кои биле во прашање. Според тоа, дошло до повреда на член 8 од Конвенцијата, земен самостојно и во врска со член 13 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права