Жалбите од бивши високорангирани функционери по поништувањето на помилувањето се прогласени за недопуштени

Во предметот Талески и други против Северна Македонија (претставки бр. 77796/17, 80003/17, 81848/17, 81862/17, 11583/18, и 30884/18, 16.02.2023), Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи претставката за недопуштена.

За време на предметните настани, многу од подносителите биле членови на владеачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) и сите биле на истакнати јавни функции, меѓу кои премиер, министри во владата и градоначалници. Им се суди за наводни кривични дела кои се поврзани со содржините на незаконско прислушкување од големи размери и кои призлегуваат од таквите содржини. Добиле претседателско помилување, кое подоцна било поништено. Судено им е по помилувањата, што е и суштината на овој предмет.

Потпирајќи се врз член 6 став 1 (право на правична судска постапка), подносителите се жалат дека нивното судење по помилувањето претставува повреда на начелото на владеењето на правото и дека одлуките за помилување биле прекршување на начелото на правна сигурност поради нивниот ретроспективен ефект. Понатаму, г-дин Талески и г-дин Темелко се жалеле според член 5 став 1 (с) (право на слобода и безбедност) дека одлуката за предистражен притвор била произволна.

Првостепениот суд или утврдил дка поништувањата, а со самото тоа и обвиненијата против подносителите, биле валидни или ги нема коментирано (сè уште се чека на одлука во предметот на г-дин Темелко). Владата, повикувајќи се на релевантните одредби од Законот за кривична постапка, тврдела дека жалбениот процес во тек во Северна Македонија ќе им овозможи на подносителите на претставката да ги изнесат своите аргументи во однос на помилувањата за кои станува збор. Покрај тоа, Законот за кривична постапка дозволува вонредно преиспитување од страна на Врховниот суд и ЕСП утврди (како што има утврдено и во својата претходна судска пракса) дека таквото барање под одредени услови би бил делотворен правен лек, во кој подносителите би можеле да се потпрат на своите помилувања и, доколку биде пресудено во нивна корист, да бараат надомест на финансиската штета во засебна постапка.

Во однос на член 5 (право на слобода и безбедност), еден од подносителите, г-дин Темелко, не ги изнесол своите жалби по Конвенцијата пред домашните судови, додека правниот лек што наводно бил делотворен за другиот подносител, г-дин Талески, бил одбиен како неблаговремен во одлуките на домашните судови, за коишто овој Суд утврди дека не се произволни. Според тоа, Судот пресуди дека на националниот судски систем, кој може директно да ја применува Конвенцијата, треба да му се даде можност да ги преиспита помилувањата и да ги исправи сите прекршувања на Конвенцијата што ќе ги утврди. Според тоа, Судот пресуди дека жалбите според член 5 и член 6 се недопуштени поради неисцрпеност на домашните правни лекови.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права