08 Јун Право на политичарите на приватност
Во предметот Бојан Пантиќ против Србија (претставка бр. 33776/20, 28.3.2023 година), Европскиот суд за човекови права ја прогласи жалбата за недопуштена.
Подносителот на претставката е српски политичар кој бил на позицијата Претседател на Покраинската влада на автономната покраина Војводина во Република Србија од 2004 до 2016 година. Од 2014 до 2016 година, тој бил и лидер на Демократската партија. Во 2015 година, покренал граѓанска постапка за клевета против А.М., висок член на Српската напредна партија и пратеник во тоа време, поради изјавите што А.М. ги дал на прес-конференција. Имено, А.М. тврдел дека режимот на жалителот бил корумпиран и дека тој ги „киднапирал“ сите членови на општинскиот совет од неговата партија и ги „држел заробени“ во хотел. Во едно од тие интервјуа за новинарите, А.М. го нарекол жалителот „силеџија“. На крајот, домашните судови го одбиле барањето на жалителот. Конечната одлука ја донесе Уставниот суд на 13 февруари 2020 година.
Судот на почетокот повторува дека угледот е заштитен со член 8 од Конвенцијата како дел од правото на почитување на приватниот живот. Меѓутоа, за членот 8 да стапи на сила, нападот на угледот на една личност мора да достигне одредено ниво на сериозност и да биде изведен на начин којшто доведува до повреда на личното уживање на тоа право. Не било спорно дека членот 8 е применлив во конкретниот предмет. Понатаму, во случаи кога, како во конкретниот предмет, се активира членот 8 заради интересите на „заштитата на угледот или правата на другите“, од Судот може да се побара да потврди дали домашните власти постигнале правична рамнотежа при заштитата на двете вредности загарантирани со Конвенцијата, имено, од една страна, слободата на изразување заштитена со член 10 и, од друга, правото на почитување на приватниот и семејниот живот предвидено во член 8.
Во односниот предмет, Судот забележува дека домашните судови утврдиле дека прашањата покренати во изјавите на А.М. биле прашања од јавен интерес и дека почивале на основи коишто А.М. сметал дека се здрави (како што се извештаите во печатот). Оспорените изјави не задирале во приватниот живот на жалителот. Понатаму, домашните судови утврдиле дека подносителот на претставката, како политичар, свесно и неизбежно се изложил на контрола на секој негов збор и дело и морал да покаже поголем степен на толеранција. Згора на тоа, жалителот бил дел од српската политичка сцена доволно долго за да се навикне на овој стил на комуникација, па и самиот давал изјави во кои го споредува А.М. со стаорец или мајмун. Потпирајќи се на судската практика на Европскиот суд за човекови права, домашните судови одлучија дека секое доделување на штета би ја нарушило слободата на изразување на А.М. и затоа го одбиле барањето на жалителот.
Конечно, наводите на жалителот во врска со слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Србија се ирелевантни во односниот предмет, бидејќи ниту жалителот, ниту А.М. не се новинари или сопственици на медиум. Подносителот на претставката исто така ниту тврдел, ниту, пак, докажал дека му било ускратено правото на одговор гарантирано со член 83 од Законот за информации од јавен карактер и медиуми од 2014 година.
Имајќи го предвид горенаведеното, Судот смета дека домашните судови изнесле доволно основи за да се утврди дека на слободата на изразување на А.М. морало да ѝ се припише поголема тежина од правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот во конкретните околности на овој предмет. Според тоа, нема причина да се заклучи дека домашните судови го пречекориле своето поле на дискреција. Следи дека жалбата е очигледно неоснована и, како таква, мора да биде одбиена во согласност со член 35 став 3 (а) и член 4 од Конвенцијата.
Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд за човекови права