11 Апр Evropski sud za ljudska prava dao je svoje prvo savetodavno mišljenje po Protokolu 16
Францускиот Касациски суд упати барање за советодавно мислење во врска со предметот на Менесон (Mennesson) против Франција (жалба број 65192/11, 26 јуни 2014 година).
Предметот се однесуваше на жалителите, сопруг и сопруга (жалители) кои не можеле да имаат дете бидејќи вториот жалител бил неплоден. По неколку неуспешни обиди да зачнат дете користејќи ин витро оплодување (медицински потпомогнато оплодување) со свој репродуктивен материјал, првиот и вториот жалител одлучиле да се подложат на ин витро оплодување користејќи го репродуктивниот материјал на првиот жалител и јајце-клетка од донатор, со цел да се имплантираат оплодени ембриони во матката на друга жена. За таа цел, тие отишле во Калифорнија, каде што ваквиот процес е легален и склучиле договор за сурогатска бременост. Жалителите истакнаа дека во согласност со законот во Калифорнија, ,,сурогат мајката” не добива никаков друг надомест освен надомест на трошоци. Тие, исто така, додале и дека сурогат мајката и нејзиниот сопруг имаат многу поголеми приходи од нив, како и дека таа донирала јајце клетка заради солидарност. Во пресудата на Врховниот суд на Калифорнија, кому заеднички му се обратиле првиот и вториот жалител, како и сурогат мајката и нејзиниот сопруг, пресудил дека првиот жалител ќе биде “генетски татко”, а вториот жалител “законска мајка” на детето/децата кое/кои сурогат-мајката ќе ги роди во наредните четири месеци. Во пресудата се наведуваат детално податоците што требало да се внесат во изводот од Матичната книга на родените и се наведува дека првиот и вториот жалител треба да бидат евидентирани како татко и мајка. Близнаците – третиот и четвртиот жалител – се родени на 25 октомври 2000 година и нивните изводи од Матичната книга на родените се изготвени во согласност со горенаведеното.
Подносителите на претставката (жалителите) се жалеле дека на штета на интересите на децата тие не биле во можност да добијат признавање во Франција на правниот однос родител-дете кој бил законски воспоставен во странство помеѓу првиот и вториот жалител и третиот и четвртиот жалител, кои биле родени во странство, како резултат на договор за сурогатство.
Судот утврди дека не дошло до повреда на правото на децата и на родителите на почитување на нивниот семеен живот, но дека имало повреда на правото на децата на почитување на нивниот приватен живот.
Во своето барање за консултативно мислење, Касацискиот суд укажал дека неговата судска пракса еволуирала по одлуката во предметот Менсон (Mennesson). Евидентирањето на изводот од Матичната книга на родените за дете родено преку сурогат бременост во странство сега било можно доколку на истиот се назначува како татко биолошкиот татко на детето. Се’ уште не било можно да се евидентира мајката. На 16 февруари 2018 година францускиот суд кој вршел ревизија на граѓанските пресуди го одобрил барањето за повторно разгледување на жалбата по правни основи против одлуката на Апелациониот суд во Париз од 18 март 2010 година со која се поништува евидентирањето на американските изводи од Матичната книга на родените на децата Менсон во францускиот Регистар на родените, венчаните и умрените. Барањето на Касацискиот суд за советодавно мислење од ЕСЧП било поднесено во контекст на преиспитувањето на таа жалба.
Конкретно, францускиот Касациски суд му ги постави на ЕСЧП следните прашања (барање бр. P16-2018-001):
“1. Одбивајќи да внесе во Регистарот на родени, венчани и умрени податоци од изводот од Матичната кига на родените за дете родено во странство како резултат на гестациско сурогат-мајчинство во онаа мера во која во таквиот извод се означува ,,предметната (наменета) мајка”, како ,,законска мајка”, а прифаќајќи ја евиденцијата на “предметниот (наменет) татко”, кој е и биолошки татко на детето, дали државата го пречекорила своето поле на слободна проценка во согласност со член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи? Во врска со ова, дали треба да се направи разлика во однос на тоа дали е детето зачнато со помош на јајце клетка на ,,мајката која била наменета”?
- Во случај на потврден одговор на било кое од горенаведените две прашања, дали можноста мајката која има намера да го посвои детето на својот брачен другар, кој е биолошки татко, би претставувала средство за воспоставување на правен однос мајка-дете, односно дали истата обезбедува усогласеност со барањата од членот 8 од Конвенцијата?
Како одговор на барањето за советодавно мислење на францускиот Касациски суд, ЕСЧП едногласно го донесе следното мислење:
Во ситуација кога детето е родено во странство преку гестациско сурогат мајчинство со репродуктивен материјал од наменетиот татко и трето лице како донатор, и кога е правниот однос родител-дете со наменетиот татко признаен во домашното законодавство:
- Правото на детето на почитување на приватниот живот, во согласност со Европската конвенција за човекови права, бара националното законодавство да ја предвиди можноста за признавање на правниот однос родител-дете со ,,наменетата” мајка, која во Матичната книга на родените во странство е означена како “законска” мајка ;
- Правото на детето на почитување на приватниот живот не значи дека тоа признавање мора да биде направено преко внесување во Матичната книга/регистар на родени, венчани и умрени врз основа на изводот од Матичната книга на родените од странство бидејќи истото може да се постигне и со други средства, или на било кој друг начин – како што е преку усвојување на детето од страна на наменетата мајка.
Ова е прво советодавно мислење на Европскиот суд за човекови права, кој оваа надлежност ја доби на 1 август минатата година, со Протоколот број 16 кон Европската конвенција за човекови права.
Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права