14 Јун Верско воспитување на дете од родител кој е Јеховин сведок
Во предметот на Т.Ц. против Италија (жалба бр. 54032/18, 19.05.2022) Европскиот суд за човекови права, со мнозинство гласови, оцени дека немало повреда на член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права во врска со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Конвенцијата, во согласност со членот 9 (слобода на вероисповед).
Предметот се однесуваше на спор помеѓу жалителот и мајката на неговата ќерка од претходната врска околу религиозното воспитување на нивното дете. Жалителот станал Јеховин сведок по распаѓањето на врската. По постапката поведена од мајката пред судовите, тој добил наредба да се воздржува од активно вклучување на неговата ќерка во својата религија. Судот, засновајќи ја својата одлука на вештачење, и првенствено фокусирајќи се на најдобриот интерес на детето, утврдил дека интензивните напори на жалителот да ја вклучи својата ќерка во неговите верски активности биле дестабилизирачки и стресни за неа. Исто така, Судот го земал предвид фактот дека жалителот се обидел да го скрие учеството на неговата ќерка во религијата од нејзината мајка.
Судот утврди дека во донесувањето на своите одлуки и таквата судска наредба домашниот суд не правел разлика во третманот помеѓу жалителот и мајката на детето на верска основа. Одлуките имале единствена цел решавање на конфликтот, фокусирајќи се пред се на интересот на детето да расте на отворена и мирна средина, притоа колку што е можно повеќе помирувајќи ги правата и убедувањата на двајцата родители.
Судот сметаше дека жалбите на подносителот треба да се испитаат според член 14 во врска со член 8 од Конвенцијата, толкуван и применет од аспект на член 9 од Конвенцијата. Остатокот од неговите жалби Судот ги отфрли како недопуштени. Прво и основно, Судот утврди дека судската наредба имала за цел да го реши конфликтот што настанал поради различните ставови на родителите за тоа како да ја воспитуваат својата ќерка. Одлуките кои воделе до судската наредба имале за цел да ги усогласат правата на секоја страна, фокусирајќи се пред сè на интересот на детето да расте во отворена и мирна средина. Всушност, единствената цел на наредбата била да се зачува слободата на избор на детето, земајќи ги предвид воспитните ставови на нејзиниот татко. Во секој случај, наредбата не му забранила на жалителот да ги применува своите воспитни принципи во однос на неговата ќерка, ниту го спречил да учествува во активностите на Јеховините сведоци во лично својство. Ниту, пак, му биле ограничени правата за старателство или посета.
Според тоа, Судот утврди дека домашниот суд не правел разлика во третманот помеѓу жалителот и мајката на детето на верска основа во однос на спорот и дека не дошло до повреда на член 14 во врска со член 8, толкуван од аспект на член 9.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права