29 Окт Комитетот за спречување на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување извести за својата периодична посета на Хрватска, фокусирајќи се на полицијата, затворите и психијатриските установи
Комитетот на Советот на Европа за спречување на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) го објави на 2 октомври извештајот за својата периодична посета на Хрватска, што се одржа од 14 до 22 март 2017 година.
КПТ откри дека со повеќето лица притворени од полицијата се постапувало правилно. Сепак, постоеја некои наводи за лошо постапување (малтретирање), главно шлаканици и клоци на кои лицата биле подвгнати за време на апсењето или за време на испрашувањето во полициска станица (“информативни разговори”). КПТ повторува дека полициските службеници треба јасно да разберат дека физичкото малтретирање на задржаните/притворените лица е неприфатливо и дека хрватските власти треба да се погрижат ефективно да се истражат сите наводи за малтретирање и да се изречат соодветни санкции за оние полициски службеници кои ќе бидат прогласени за виновни.
Што се однесува до затворите, во извештајот се препознаваат напорите што ги вложуваат хрватските власти за намалување на пренатрупаноста во затворите. Сепак, треба и понатаму да се вложуваат напори за да се обезбеди секој затвореник да има најмалку 4 м² животен простор. Освен тоа, КПТ е особено критичен во однос на прекумерните ограничувања што им се наметнати на притворените лица и лицата кои направиле прекршоци или полесни кривични дела кои и понатаму поминуваат и до 23 часа затворени во супстандардни ќелии без пристап до осмислени активности.
Во извештајот се истакнуваат правните пречки кои го отежнуваат обезбедувањето на здравствена заштита во затворите заради недостатокот на акредитирани затворски лекари од страна на Хрватскиот фонд за здравствено осигурување (ХЗЗО). Исто така, се даваат препораки за зголемување на нивото на доверливост на здравствените прегледи на затворениците и за подобрување на третманот на затворениците кои имаат психички растројства и зависност од дрога. Што се однесува до Затворската болница во Загреб, извештајот е особено критичен заради недостатокот на психијатри и медицински сестри, како и заради ограничениот простор за живеење и недостатокот на санитарни чворови во самите соби на пациентите.
Што се однесува до трите посетени психијатриски установи, недостатокот на животен простор и фактот што пациентите од Психијатриската болница за деца и адолесценти во Загреб немаат пристап до дворот се особено загрижувачки за КПТ. Во извештајот, исто така, се критикува препишувањето на лекови и примената на електроконвулзивна терапија пред други пациенти, како и фактот што не се снима употребата на средствата за ограничување на движењето на пациентите. Во извештајот се анализира неодамна усвоеното законодавство кое се однесува на психичкото здравје и се изразува загриженост за правниот статус на пациентите на одделите за психијатрија од аспект на ова законодавство.
Овде можете да го прочитате извештајот: https://rm.coe.int/16808e2a0e и одговорот на хрватската влада: https://rm.coe.int/16808e2a10
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот комитет за спречување на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување