Масовното следење на комуникациите во Шведска ги задоволува стандардите на Конвенцијата

Во предметот Centrum för Rättvisa против Шведска (жалба бр. 35252/08, на 2018/06/19.), Европскиот суд за човекови права  едногласно заклучи дека немало повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот, домот и преписката) од Европската конвенција за човекови права.

Подносителот на жалбата наведува дека шведското законодавство и пракса кои дозволуваат следење на електронските сигнали за разузнавачки цели ги прекршило и продолжило да ги крши неговите права пропишани со членот 8 од Европската конвенција.  Жалителот, сепак, не покренал било каква постапка пред националните судови во врка со тоа, со образложение дека во Шведска не постои ефективен лек предвиден во член 13 од Европската конвенција (право на ефективен правен лек).

Судот сметаше дека релевантното законодавство довело до таквиот систем на таен надзор кој потенцијално влијаел на сите корисници на мобилни телефони и интернет, без да бидат запознаени со тоа. Покрај тоа, судот наведе дека не постои национален правен лек што би им обезбедил детално објаснување на сите они кои би се жалеле тврдејќи дека нивната комуникација била пресретната. Врз основа на тоа, судот заклучил дека е оправдано да се проучи законодавството на Шведска.

Судот утврди дека подносителот на жалбата имал право да тврди дека е жртва на повреда на правата загарантирани со Конвенцијата иако тој не покренал каква било постапка пред домашните судови, ниту изнел конкретни тврдења во прилог на тоа дека допло до следење на неговата комуникација. Постоењето на такво законодавство само по себе претставува мешање во правата утврдени со член 8 од Конвенцијата.

Судот истакна дека шведскиот систем на масовно следење на комуникациите во целина обезбедува соодветни и доволни гаранции против произволноста и ризикот од злоупотреба. Поконкретно, обемот на мерки на следење на електронските сигнали и постапувањето со пресретнатите податоци се јасно дефинирани во законот. Дозвола за следење може да се добие само врз основа на судска одлука, следењето на комуникациите е дозволено само за комуникација која излегува од територијата на Шведска, а не и на територијата на самата држава, а времетраењето на таквите мерки не може да биде подолго од шест месеци. Покрај тоа, постојат повеќе независни тела, особено инспекторатот кој е задолжен за надзор и испитување на самиот систем. На крајот, недостатокот на информираност на лицата за преземените мерки за надзор се компензира со фактот што постојат низа достапни механизми на второстепено испитување на таквите постапки преку вложување жалби, особено во Инспекторатот, Народниот правобранител и Kанцеларот за правда (Државниот правобранител). Судот, во донесувањето на својата одлука, го зема предвид дискреционото право на државата да ја заштити националната безбедност, особено во контекст на денешната закана на глобалниот тероризам и сериозниот прекуграничен криминал. Според тоа, овде нема повреда на членот 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права.