Мерка со која се забранува разговор со други затвореници претставува прекршување на Конвенцијата

Во предметот Иван Карпенко против Украина (жалба бр. 45397/13), Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека дошло до повреда на член 3 (забрана на нечовечко и понижувачко постапување) од Европската конвенција за човекови права и повреда на член 13 (право на делотворен правен лек) во врска со член 3.

Предметот се однесуваше на режимот – забрана на разговор со затвореници од други ќелии – под кој бил ставен г-дин Карпенко додека ја отслужувал својата доживотна казна.

Судот забележа дека правната основа за забраната за комуникација со затворениците од другите ќелии била укината во 2015 година. Сепак, забраната се применувала на жалителот најмалку десет години пред укинувањето и можно е да продолжила да се применува и после укинувањето.

Во основа, условите под кои тој бил држен во затворот претставувале систематска сегрегација. Спречувањето на затворениците да разговараат меѓу себе претставувала прекршување на Европските затворски правила, а жалителот бил лишен од „соодветно ниво на човечка и социјална интеракција“.

Судот утврди дека следните фактори се отежнувачки: жалителот бил речиси постојано затворен во ќелијата, имал право само на кратка прошетка на отворено без никакви смислени активности; забраната била автоматска и се темелела само на неговата казна, без каква било можност за преиспитување на истата; долгото траење на предметната мерка; како и влошувањето на здравствената состојба на жалителот и отсуството на било каков соодветен одговор на неговите жалби и барања за помош.

Општо земено, Судот сметаше дека забраната за комуникација на жалителот со затворениците од другите ќелии, заедно со другите гореспоменати фактори, претставувале нечовечко и понижувачко постапување и прекршување на Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права