Навредливите коментари на форум на интернет не доведоа до повреда на членот 8 од Конвенцијата

Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека не дошло до повреда на членот 8 (право на почитување на приватниот живот) од Европската конвенција за човекови права во предметот на Хоинес (Høiness) против Норвешка (жалба бр. 43624/14, 19/03/2019).

Предметот се однесуваше на одбивањето на домашните судови да му наметнат граѓанска одговорност на домаќинот на еден форум на интернет откако на истиот тој форум биле објавени вулгарни коментари за г-ѓа Хоинес. Г-ѓа Хоинес (Høiness), која е добро познат адвокат, поднела пред надлежниот суд во Осло во мај 2011 година граѓанска тужба за клевета против компанијата Хегнар Медиа АС (Hegnar Media AS) и г-дин Х., уредник на интернет порталот Хегнар Онлајн (Hegnar Online),. Таа изјавила дека нејзината чест е нарушена поради сексуалното вознемирување во три анонимни коментари на форумот Хегнар Онлајн (Hegnar Online), кој беше дел од компанијата Хегнар Медиа АС (Hegnar Media AS).

Потпирајќи се на член 8 (право на почитување на приватниот живот), г-ѓа Хоинес се жалеше дека норвешките власти ги прекршиле нејзините права гарантирани со Конвенцијата така што не го заштитиле нејзиното право на заштита на угледот и побарале таа да ги плати трошоците за парничната постапка во нејзиниот случај.

Судот утврди конкретно дека националните судови дејствувале во рамките на нивното дискреционо право (“поле на слободна проценка”) кога се обиделе да воспостават баланс помеѓу правата на г-ѓа Хоинес според членот 8 и правото на спротивната страна (порталот за вести и домаќинот на дебатните форуми) на слобода на изразување според членот 10.Судот изјави дека коментарите за г-ѓа Хоинес не претставуваат говор на омраза или поттикнување на насилство. Што се однесува до контекстот во кој биле дадени тие коментари, Судот забележа дека дебатните форуми не биле особено интегрирани во презентацијата на вестите, и затоа тие не  претставувале продолжение на уредничките статии. Освен тоа, пресудите на домашните судови со кои на страната која ја добила парницата и’ се досудува надомест на трошоците за парничната постапка не претставуваат кршење на членот 8. Оттаму, нема повреда на членот 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права