02 Дек Неколку прекршувања во врска со авганистанско семејство чија ќерка починала на границата со Хрватска
Во предметот на М.Х. и други против Хрватска (жалби бр. 15670/18 и 43115/18, 18.11.2021 година) Европскиот суд за човекови права одлучи:
- едногласно дека дошло до повреда на член 2 (право на живот) од Европската конвенција за човекови права во врска со истрагата за смртта на ќерката на авганистанското семејство
- со шест гласа „за“ и еден „против“ дека дошло до повреда на член 3 (забрана за нечовечко и понижувачко постапување) во однос на децата на жалителите
- едногласно дека не дошло до повреда на член 3 во однос на возрасните жалители
- едногласно дека дошло до повреда на член 5, став 1 (право на безбедност и слобода) во однос на сите жалители
- едногласно дека дошло со повреда на член 4 од Протоколот бр. 4 на Конвенцијата (забрана за колективно протерување на странци) во однос на мајката жалителка и нејзините пет деца, и
- едногласно дека дошло до повреда на член 34 (право на поединечна жалба) во однос на сите жалители.
Предметот се однесуваше на смртта на шестгодишното авганистанско дете, МАД.Х., кое било удрено од воз откако наводно хрватските власти му ја ускратиле можноста да побара азил, по што му било наредено да се врати во Србија преку железничката пруга. Тој, исто така, се однесуваше конкретно на притворот на жалителите додека барале меѓународна заштита. Тие сочинуваат семејство од 14 авганистански државјани. Станува збор за маж, неговите две сопруги и нивните 11 деца.
Во 2016 година семејството го напуштило Авганистан, патувајќи низ Пакистан, Иран, Турција, Бугарија и Србија пред да пристигне на хрватската граница. Ноќта на 21 ноември 2017 година, шестгодишната ќерка на првиот и вториот жалител, МАД.Х., починала откако во Србија на неа налетел воз во близина на хрватско-српската граница.
Судот конкретно утврди дека истрагата за смртта била неделотворна, дека притворот на децата на жалителите претставувал малтретирање и дека одлуките за притворот на жалителите не биле третирани на соодветен начин.
Понатаму, Судот сметаше дека е точно тврдењето дека на 21 ноември 2017 година хрватските полицајци ги вратиле првата жалителка и нејзините деца во Србија без да ја разгледаат нивната поединечна ситуација. Владата тврдеше дека жалителите биле вклучени во „казниво однесување“ со заобиколување на правните процедури кои постоеле за влез во Хрватска. Сепак, Судот не беше во можност да утврди, врз основа на информациите со кои располагаше, дали во конкретниот временски период тужената држава им овозможила на жалителите вистински и делотворен пристап до процедурите за легален влез во Хрватска, особено со цел да се бара заштита според членот 3. Оттука, Судот одлучи дека протерувањето на првата жалителка и нејзините деца на 21 ноември 2017 година било од колективна природа, што е прекршување на член 4 од Протоколот бр. 4 од Конвенцијата.
Судот го забележа, особено, одбивањето на властите да дозволат контакт помеѓу жалителите и нивната адвокатка, дури и по барањето поднесено според Правилото 39 во врска со тоа, како и несоодветниот кривично-правен притисок врз нивната адвокатка во врска со полномошното, и покрај тоа што жалителите го потврдиле истото пред судовите. Судот заклучи дека доказите со кои тој располагал биле доволни за да се заклучи дека ограничувањето на контактот меѓу жалителите и нивната адвокатка, како и кривичната истрага и притисокот на кој била подложена нивниот адвокатка имале за цел да ги обесхрабрат при поднесувањето на жалба пред Судот во Стразбур. Оттаму, во овој предмет дошло до повреда на правото на жалителите на поединечна жалба.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права