30 Мај Нема повреда на правата на поранешниот претседател на Хрватска во постапката против него поради клевета на адвокатот
Во предметот Месиќ против Хрватска (жалба бр. 19362/18, 05.05.2022 година) Европскиот суд за човекови права едногласно оцени дека не дошло до повреда на членот 10 (слобода на изразување) и повреда на членот 6, став 1 (право на правична расправа во разумен рок) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на граѓанска постапка за клевета во која жалителот – поранешниот претседател на Хрватска – добил наредба од страна на хрватските судови да исплати 6.660 евра (ЕУР) на специјализиран адвокат со хрватско потекло, кој работи во Франција, заради нарушување на неговиот углед. Во 2006 година, Иван Јурашиновиќ, хрватски адвокат кој во тоа време работел во Анже (Франција), поднел кривична пријава во име на еден од неговите клиенти против 11 хрватски државјани, вклучувајќи го и г-дин Месиќ, во врска со два обида за убиство и за дело изнуда во обид од страна на криминална организација. Г-дин Месиќ бил обвинет како соучесник. Според клиентот на г-дин Јурашиновиќ, тој ја финансирал изборната кампања на г. Месиќ во 2000 година.
Написи што го поврзуваат името на тогашниот претседател со кривичната пријава се појавиле на веб-страниците на два дневни весници во Хрватска, во кои тој се нарекува „еден вид политички покровител на нарачателот на убиството“. Тогашниот претседател, кога новинарите го запрашале за коментар на телевизиска прес-конференција, изјавил дека кога ќе биде следен пат во Загреб, г-дин Јурашиновиќ треба да оди во одредена психијатриска болница каде што тој и таквите како него би можеле да добијат делотворен третман. Изјавата беше објавена на официјалниот веб-сајт на претседателот на Хрватска и од страна на различни медиуми. Г-дин Јурашиновиќ потоа покренал граѓанска постапка за клевета во Хрватска, жалејќи се дека г-дин Месиќ ја искористил својата позиција како претседател на Хрватска и медиумско внимание кое му се посветува на претседателот за да ја наруши неговата чест и углед и да му наштети на неговиот професионален и морален кредибилитет.
Судот забележа дека кога г. Месиќ забележал дека на г. Јурашиновиќ му треба психијатриско лекување, тој бил претседател на државата, а неговиот коментар бил нашироко објавен од различни медиуми. Затоа, без оглед на тоа дали таа изјава требало да се сфати буквално (како што одлучија домашните судови) или метафорично (како што тврдел дека ја дал изјавата г. Месиќ), Судот прифати дека таа не само што можела да го наруши угледот на г. Јурашиновиќ, туку и да биде штетна за него и во професионалниот и во социјалниот живот. Во исто време, според мислењето на Судот, наводната вмешаност на претседател на државата во обид за убиство и/или неговите можни врски со организираниот криминал несомнено е прашање од јавен интерес. Г-дин Месиќ имал право да одговори на ваквото обвинение и да се брани, што прво го сторил со давање одредени фактички изјави со кои негирал каква било поврзаност со лицето поврзано со организиран криминал. Сепак, тој отишол чекор подалеку и се обидел да го дискредитира г-дин Јурашиновиќ како личност на која не треба да ѝ се верува преку давање на навредлива изјава користејќи омаловажувачки и дрски термини, кои не биле неопходни. Ваквите изјави на г. Месиќ не само што биле штетни за угледот на адвокатот, но исто така можеле да има „застрашувачки“, одвраќачки ефект врз извршувањето на неговите професионални должности. Затоа, доделувањето отштета претставуваше соодветна санкција за да се неутрализира тој ефект и пропорционална со целта за заштита на угледот на адвокатот.
Сепак, Судот заклучи дека должината на постапката била прекумерна и не бил исполнет условот „во разумен рок“. Според тоа, во овој предмет дошло до повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права