Одземањето на лиценци за коцкање довело до кршење на член 1 од Протоколот бр. 1

Предметот на Свит Розваг, ТОВ и други против Украина (жалба бр. 13290/11, 62600/12 и 49432/16, 27/06/2019, 27/06/2019) се однесуваше на забрана за коцкање воведена во Украина во 2009 година. Жалителите се две украински компании, Свит Розваг, ТОВ, со седиште во Харков, и Игро-Бет, ПП, со седиште во Лавов; и еден украински државјанин, Наталија Станко. Двајца од жалителите работеле во бизнисот со коцкање додека третиот (Игро-Бет, ПП), кој се стекнал со лиценца непосредно пред забраната, бил спречен да отпочне со таков бизнис.

Како одговор на пожар кој се случил во мај 2009 година во установа за коцкање во Днипро, при што загинале девет лица, а единаесет биле повредени, Парламентот усвоил закон со кој се забранува било какво коцкање. Непосредно пред таа целосна забрана, Министерството за финансии ги укинало и сите дозволи за коцкање, а таа одлука стапила на сила веднаш. Сите лиценци за коцкање на жалителите им биле одземени според новиот закон. Тие поднеле барања за обештетување (надомест на штета), кои биле отфрлени.

Сите жалители се повикале конкретно на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имот), жалејќи се на одземање на лиценците за коцкање без надомест. Г-ѓа Станко, исто така, се жалела според истиот член заради одземањето на нејзината лиценца во мај 2009 година. Свит Розваг, ТОВ и г-ѓа Станко поднеле и  жалби според член 6, став 1 (право на правично судење) во однос на постапката за надомест на штета. Тие се жалеле дека домашните судови не го зеле предвид нивното упатување на членовите од Конвенцијата и судската пракса на Судот, иако таквото упатување било релевантно за постапките за надомест на штета кои тие судови ги воделе.

Судот го утврди следното:

  • Не дошло до кршење на член 6, став 1 – во однос на жалбата на Свит Розваг, ТОВ, а жалбата на г-ѓа Станко според член 6, став 1 беше прогласена за недопуштена. Не беше доволно Судот да смета дека толкувањето на релевантните домашни одредби од страна на домашните судови било произволно или очигледно неразумно. Што таквото толкување открило за самата состојба на домашното законодавство е друго прашање, кое е важно за проценката на Судот за жалбите на жалителите според член 1 од Протоколот бр. 1.
  • Дошло до кршење на член 1 од Протоколот бр. 1 – во однос на г-ѓа Станко, заради одземањето на нејзината лиценца. Главниот аргумент на жалителот во однос на одземањето на лиценцата бил дека Законот за лиценцирање предвидува сеопфатен список на основи и постапка за одземање на лиценци и дека одлуките на Кабинетот на министри и Министерството за финансии за одеземање на нејзината лиценца биле донесени спротивно на тие правила. Толкувањето на домашното право од страна на домашните судови значеше дека дискреционото право на извршната власт не било ограничено од ниту еден пропис кој би укажал доволно јасно на обемот и условите на неговата примена. Според тоа, не биле предвидени мерки за заштита од самоволие. Овие согледувања беа доволни Судот да заклучи дека домашните законски одредби не ги исполнуваат барањата за квалитет на „закон“ и, според тоа, одземањето не е законско.
  • Дошло до кршење на член 1 од Протоколот бр. 1 – заради начинот на кој на жалителите им биле одземени лиценците. Судот повторува дека недостатокот на доволен преоден рок и било  каков надомест се фактори кои го натераа Судот да утврди прекршувања на член 1 од Протоколот бр. 1 во поранешни случаи кои се однесуваа на одземање на лиценци во отсуство на какво било прекршување на законот од страна на носителот на лиценцата. Во такви околности, мерката применета за жалителите била непропорционална, пред сé заради квалитетот на процесот на донесување одлуки кој довел до таквата мерка, недостатокот на какви било компензаторни мерки, дури и во однос на директните трошоци наметнати од самата држава, и недостатокот на доволно долг преоден период.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права