25 Дек Одлука за депортирање на новинари заради нивното неодговорно однесување
Во предметот Зарубин и други против Литванија (жалби бр. 69111/17, 69112/17, 69113/17 и 69114/17), Европскиот суд за човекови права („ЕСЧП“) донесе одлука за недопуштеност на жалбите.
Предметот се однесуваше на протерувањето на четворица руски новинари кои работеле за рускиот државен радиодифузер Росиа-24 и забрана на нивни повторен влез во Литванија по нивните постапки во рамките на една конференција која се одржала во март 2016 година во Вилнус. Конференцијата, во коорганизација на литванското Министерство за надворешни работи, се однесувала на разни прашања поврзани со Русија и вклучувала руски опозициски активисти. Домашните власти утврдиле дека руските новинари предизвикале инциденти на конференцијата. Конкретно, жалителите имале задача од нивниот работодавец да соберат информации за истакнати руски опозициски активисти кои учествувале на конференцијата. Тие не добиле ниту се обиделе да добијат акредитации, туку со измама добиле пристап до настанот и предизвикале конфликти со чуварите и учесниците. Иако биле предупредени од полицијата, следниот ден се обиделе да ги снимаат учесниците со мобилен телефон, а постоеле информации дека најверојатно планирале да предизвикаат уште една конфронтација на последниот ден од конференцијата.
Имајќи го предвид нивното однесување, Одделот за миграции донел одлука да ги протера жалителите и да им забрани повторен влез во земјата во времетраење од една година. Во решенијата за депортација се наведуваат информации од Одделот за државна безбедност на Литванија дека жалителите, претставници на телевизискиот канал Росиа-24, може да претставуваат закана за националната безбедност.
ЕСЧП беше подготвен да прифати дека мерките против жалителите претставуваат мешање во нивното право на слобода на изразување според член 10 од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“). Сепак, клучен факт е тоа што дека властите докажале дека преземените мерки за заштита на националната безбедност биле пропорционални.
Во списите на предметот немало ништо што би сугерирало дека судовите погрешиле во нивната проценка или дека тие го примениле законот произволно. Во таа смисла, ЕСЧП немаше причина да не се согласи со заклучокот на властите дека протерувањето и забраната за влез биле неопходни и во интерес на националната безбедност. ЕСЛП утврди дека властите постапувале на пропорционален начин: на жалителите не им било забрането да даваат изјави или да шират информации за конференцијата, туку биле депортирани заради нивните агресивни и провокативни активности.
Конечно, ЕСЧП повтори дека заштитата што им се гарантира на новинарите со член 10 од Конвенцијата е условена од постапувањето на новинарите во добра вера со цел тие да обезбедат точни и веродостојни информации во согласност со начелата на одговорното новинарство. Ова не е ограничено на содржината, туку се однесува и на однесувањето на новинарите. Во овој случај, ЕСЧП не можеше да прифати дека однесувањето на жалителите било компатибилно со начелото на одговорно новинарство. Затоа, жалбата беше прогласена за очигледно неоснована и мораше да биде отфрлена како недопуштена.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права