05 Мар Повреда на Конвенцијата поради неразгледување на барањето на жалителот за одредување на право за одржување лични контакти со неговата внука
Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за заштита на човековите права ( “Конвенцијата”) во предметот Богоносов против Русија (жалба бр. 38201/16, од 05.03. 2019).
Предметот се однесува на жалителите Вера Владимировна Богоносова и Георги Иванович Богоносав (но, г-ѓа Богоносова починала во август 2018 година) кои сакале да добијат право на одржување лични контакти со својата внука по нејзиното посвојување. Кога ќерката на жалителите починала, нивната внука М., ја посвоиле нивни роднини, кои претходно им помагале да се грижат за внуката М.
Откако се соочиле со проблемот на одржување контакти со својата внука по нејзиното посвојување, подносителите во овој случај поднеле жалба на одлуката за посвојување. Градскиот суд во Санкт Петербург ја потврдил одлуката за посвојување на детето во мај 2015 година, наведувајќи дека не постои законска обврска роднините, како што се бабите и дедовците, да се информираат или да бидат вклучени во постапката на посвојување. Од друга страна, според членот 67 од Законот за семејство, таквите роднини имаат право да одржуваат контакти со детето и можат да бараат остварување на тоа право по судски пат (преку судски налог), ако посвоителите им го оневозможуваат контактот со посвоеното дете. Сепак, во случајот на овие жалители, Окружниот суд кој одлучувал по оваа жалба на г-дин Богоносов ја прекинал постапката затоа што сметал дека првобитниот процес на посвојувањето не укажал на тоа дека жалителот ќе продолжи да одржува семејни врски со детето, па оттаму тој немал право да бара судски налог со кои на посвоителите би им се наложило да дозволат одржување на контакти. Во случајот на г-ѓа Богоносова, првостепениот суд наредил да и’ биде дозволен контакт со детето, но на таа судска одлука повоителите поднеле жалба и судот од повисок степен одлучил во нивна корист. Апелациониот суд истакнал дека ниту граѓанското ниту семејното право не и’ даваат на г-ѓа Богоносова право на контакт со детето по неговото посвојување.
ЕСЧП одлучил дека нема да се разгледува жалбата на г-ѓа Богоносова бидејќи ниту еден од нејзините наследници или блиски роднини не сакал да продолжи со постапката по нејзината смрт.
ЕСЧП заклучил дека домашните судови морале да го проценат барањето на г-дин Богоносов за одржување на лични контакти со неговата внука по посвојувањето, но наместо тоа, тие го толкувале и применувале законот така што го лишиле од разгледување на неговото барање. Со таквото постапување на националните судови поднесителот на жалбата бил целосно и автоматски исклучен од животот на својата внука, и соодветно на тоа, дошло до повреда на неговите права и повреда на член 8 од Конвенцијата.
Преземено од официјалниот сајт на Европскиот суд за човекови права