Пресуда на Европскиот суд за човекови права против Русија

Во предметот Навални против Русија (жалба бр. 32963/16) Европскиот суд за човекови права констатира повреда на член 2 од Протоколот бр. 4 од Конвенцијата (слобода на движење). Во споменатиот предмет, подносителот на жалбата поднел барање за издавање на пасош во Сојузната служба за миграции. Неговoто барање е одбиено поради тоа што во два наврати бил осудуван и изречена му била условна казна која сé уште била во сила. Меѓутоа, кривичната постапка против него била завршена, и според донесената пресуда, тој не бил осуден на казна затвор. Имајќи предвид дека тој не бил лишен од слобода и дека руските судови не образложиле кои околности и негови лични особини довеле до заклучокот дека забраната да патува е погодна за негова рехабилитација, како и фактот што тие не навеле зошто е одлуката во согласност со јавниот интерес, Судот констатираше дека дошло до повреда на Конвенцијата.

Судот, исто така, утврди повреда на Конвенцијата во два случаи, поврзани со други прашања кои често се јавуваат во праксата на Судот. Во предметот Иброгимов против Русија (32248/12) Судот утврди повреда на членот 14 од Конвенцијата во врска со членот 8 од Конвенцијата (забрана на дискриминација во врска со правото на почитување на приватниот и семејниот живот), поради протерувањето на ХИВ позитивни страни државјани. Во еден друг предмет, Тарканов против Русија (40151/14), Судот утврди повреда на член 5 § 5 од Конвенцијата (право на слобода и безбедност) бидејќи не бил досуден надомест за причинета штета заради неосновано лишување од слобода.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права