10 Окт Слобода на изразување на адвокатите
Во предметот на Л.П. и Карваљо против Португалија (жалби бр. 24845/13 и 49103/15 од 8.10. 2019 година) Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека дошло до повреда на член 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата).
Предметот се однесуваше на утврдената одговорност на двајца адвокати за клевета (Л.П.) и напад на чест и углед (г-дин Карваљо) на двајца судии врз основа на документи што ги изработиле адвокатите во својство бранители.
Л.П. во 2008 година испратил писмо до Високиот судски совет (ВСС) во кое се жалел на однесувањето на судијата А.А. Поточно, Л.П. изјавил дека забележал „атмосфера на голема блискост помеѓу судијата и правниот застапник на одбраната“. ВСС одлучил да не преземе никави мерки во врска со жалбата на Л.П. Судиката А.А. потоа поднела тужба за клевета против Л.П. за наводен напад на нејзината чест и углед. Во 2012 година, Апелациониот суд во Лисабон му наредил на Л.П. да и’ исплати 5.000 евра на судиката, истакнувајќи дека обвиненијата против неа ги надминале границите на дозволената критика.
Две лица од ромска националност, чиј застапник бил г-дин Карваљо, во 2009 година поднеле тужби против судиката А.Ф. заради клевета и расна дискриминација содржана во коментари дадени од судиката во пресуда која се однесува на нив. Во 2011 година судиката поднела граѓанска тужба против г-дин Карваљо, тврдејќи дека тој, како застапник, свесно поднел неоснована кривична пријава против неа. На г-дин Карваљо му било наредено да плати 10.000 евра со затезни камати.
ЕСЧП конкретно утврди дека и двајцата жалители постапувале во својство на професионални правни застапници. Наводите изнесени од Л.П. биле критики од таков вид за кои судиите можеле разумно да очекуваат дека ќе им бидат упатени при вршењето на своите должности без притоа да им се наштети на нивната чест или углед. Овие обвинувања не ги надминувале границите на дозволената критика; тие биле испратени до ВСС и не биле објавени во јавноста. Предметот против г-дин Карваљо се однесувал на фактот што тој постапувал според упатствата на клиентите кои барале да се поднесе кривична пријава против судиката за клевета и дискриминација по кривичната постапка која добила огромна покриеност во медиумите благодарение на пресудата на судиката против клиентите на г. Карваљо. ЕСЧП сметаше дека г-дин Карваљо едноставно ги бранел интересите на своите клиенти. Понатаму, ЕСЧП сметаше дека обидот да се принуди еден бранител да одбие упатства на клиентот може да го наруши правото на секоја личност да има пристап до судот.
Покрај тоа, ЕСЧП сметаше дека изречените парични казни може да имаат застрашувачки ефект врз правната професија во целина. Според тоа, причините со домашните судови сакале да ги оправдаат осудителните пресуди на жалителите не биле ниту релевантни, ниту доволни и не одговориле на итните општествени потреби. Затоа, мешањето на државата не било пропорционално и неопходно во едно демократско општество.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права