10 Јан Судската постапка за враќање на пари запленети во Хрватска додека државата сè уште беше дел од Југославија траела предолго
Во предметот Заклан против Хрватска (жалба бр. 57239/13, 16.12.2021 година) Европскиот суд за човекови права, едногласно оцени дека дошло до повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на сопственоста) од Европската конвенција за човекови права.
Предметот се однесуваше на обидите на подносителот на жалбата да ги поврати девизите запленети од југословенските власти во 1991 година во Хрватска, кога таа држава сè уште беше дел од Југославија. Потпирајќи се на членот 1 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата (заштита на сопственоста), подносителот се жалел на одбивањето на судот да нареди враќање на парите што му биле одземени.
Тој тврдеше дека управната постапка против него била преземена од Хрватска. Постапката била запрена повеќе од 27 години, а настапила и застара на управната постапка покрената против него.
Судот забележа дека Хрватска ја презела управната постапка против жалителот и дека заради продолжениот прекин на постапката наметнат со хрватското законодавство тој не можел да си ги врати парите како од хрватските, така и од српските власти. Оттука, Судот заклучи дека ситуацијата која е предмет на оваа жалба може да им се припише на хрватските власти и затоа жалбата е допуштена. Тој истакна дека Србија не била странка во постапката и оваа одлука не навлегува во прашањето за одговорноста на таа држава во предметниот случај.
Во однос на суштинското прашање, Судот оцени дека парите му припаѓале на жалителот и дека тие биле одземени само привремено. Судот беше задоволен со фактот што тие биле законски одземени, како и со тоа што доцнењето со нивното враќање имало легитимна цел да го заштити државното „ќесе“.
Сепак, Судот оцени дека жалителот бил принуден да чека премногу долго. Запрената постапка, исто така, му оневозможила да бара враќање на парите од српските власти, за што не може да се каже дека било со цел да се заштитат финансиските интереси на Хрватска. Судот заклучи дека жалителот бил принуден да сноси непропорционален товар во овој случај, што довело до повреда на член 1 од Протоколот бр. 1. 1.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права