Властите не го истражиле можниот расистички мотив за убиството на едно ромско семејство од страна на полициски службеник

Во предметот Лакатошова и Лакатош  (Lakatošová and Lakatoš) против Словачка (жалба бр 655/16, 11.12.2018), Европскиот суд за човекови права едногласно заклучи дека имало повреда на членот 14 (забрана на дискриминација) во врска со членот 2 (право на живот) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на стрелање на едно ромско семејство во нивниот дом во 2012 година од страна на полициски службеник кој не бил на должност. Двајцата жалители во предметот, брачен пар, биле сериозно повредени, а тројца членови на нивното семејство биле убиени.

Кога бил доведен на полициско испитување, полицискиот службеник изјавил дека размислувал за ,,радикално решение” за ,,справување со” Ромите. На крајот му била дадена намалена казна затвор од девет години поради намалена одговорност. Пресудата е донесена во облик на поедноставена пресуда без никакво правно образложение.

Судот утврди дека имало веродостојни информации во предметот кои требало да им укажат на властите на потребата да се спроведе истрага за можниот расистички мотив за нападот. Тој забележа дека расистички мотивираното насилство претставува особено навредување на човековото достоинство и истото бара посебна претпазливост и енергична реакција од властите. Сепак, властите не успеале детално да ги испитаат евидентните показатели за расизам во овој предмет, како што е фрустрацијата на полицискиот службеник поради неговата неспособност да ги реши прашањата од јавниот ред и мир со Ромите, како што покажа неговата психолошка проценка. Покрај тоа, полицискиот службеник не бил обвинет за расистички мотивирано кривично дело, а обвинителот воопшто не се осврнал ниту разговарал за можниот отежнувачки фактор, како што е расистичкиот мотив во обвинителниот акт. Покрај тоа, судовите не успеале на кој било начин да ги поправат недостатоците кои произлегуваат од ограничениот обем на истрагата и прогонот,  а поедноставената пресуда во предеметот не содржела никакво правно образложение за овој недостаток. Имајќи предвид дека властите не успеале соодветно да испитаат дали нападот бил мотивиран од расна омраза, Судот утврди повреда на членот 14 во врска со членот 2.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права