Врска помеѓу забраната на присилна работа и кривичниот прогон на жртвите и потенцијалните жртви на трговија со луѓе

Во предметот на В.Ц.Л. и А.Н. против Велика Британија (жалба бр. 77587/12 и 74603/12, 16.02.2021) Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на член 4 (забрана на присилна работа) од Европската конвенција за човекови права и повреда на член 6 став 1 (право на правично судење).

Предметот се однесуваше на двајца млади Виетнамци кои биле откриени од страна на полициски службеници додека работеле на фарми со канабис. Тие биле уапсени и против нив било подигнато обвинение за дела поврзани со дрога, за што ја признале вината. Откако биле осудени, тие биле задржани во институции за млади престапници. По добивањето на осудителната пресуда, двајцата биле препознаени како жртви на трговија со луѓе од страна на надлежните власти (надлежните органи) одговорни за утврдување дали со некое лице било тргувано заради експлоатација. Сепак, обвинителството преиспитувајќи ја својата одлука да ги гони, заклучило дека тие не биле жртви на трговија со луѓе, а Апелациониот суд утврдил, врз основа на расположливите  факти за секој од случаите, дека одлуката да бидат кривично гонети била оправдана.

Ова беше прв пат Судот да ја разгледа врската помеѓу член 4 од Конвенцијата и кривичниот прогон на жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе. Притоа тој утврди дека кривичниот прогон на жртвите или потенцијалните жртви на трговија со луѓе не мора нужно да претставува кршење на членот 4 од Конвенцијата. Сепак, со оглед на експертското знаење на надлежниот орган во оваа област, Судот сметаше дека обвинителството не дало јасни причини во согласност со дефиницијата за трговија со луѓе за да донесе различен заклучок од оној на надлежниот орган.

Сепак, имајќи ја предвид должноста на надлежните власти да преземат оперативни мерки за заштита на жртвите на трговија со луѓе, Судот утврди дека откако тие станале свесни за постоење на веродостојно сомневање дека одредено лице е жртва на трговија со луѓе, требало да се погрижат тоа лице да биде проценето од стручна служба. Секоја одлука за кривично гонење треба да следи по ваквата проценка, и иако одлуката не мора да биде обврзувачка за обвинителот, обвинителот треба да има јасни причини доколку донесе поинаков заклучок. Затоа, Судот утврди дека властите не презеле соодветни оперативни мерки за заштита на В.Ц.Л. и А.Н., кои биле потенцијални жртви на трговија со луѓе.

Во случајот и на В.Ц.Л. и А.Н., Судот утврди дека и покрај постоењето на веродостојно сомневање дека  биле жртви на трговија со луѓе, ниту полицијата ниту обвинителството не ги упатиле до надлежен орган за проценка. Иако двата случаи подоцна биле разгледани од страна на обвинителството, тоа не се согласило со заклучокот на надлежниот орган без да даде јасни причини кои би ги поткопале заклучоците на надлежниот орган, а Апелациониот суд се ограничил на разгледување дали одлуката за кривично гонење претставувала злоупотреба на постапката.

Според тоа, Судот утврди дека дошло до повреда на членот 4 и во предметите на двајцата жалители. Судот констатираше дека, иако властите им доделиле на жалителите одредени погодности по донесувањето на осудителните пресуди, недостатокот на каква било проценка дали тие биле жртви на трговија со луѓе можеби ги спречило да обезбедат важни докази кои би оделе во прилог на нивната одбрана. Понатаму, Судот не сметаше дека оваа „неправедност“ била исправена по жалба бидејќи – како што веќе беше забележано – ревизијата на Апелациониот суд била ограничена на разгледување дали обвинителството ја злоупотребило постапката и се потпирало на фактори кои не ја претставуваат суштината на меѓународно прифатената дефиниција за трговија со луѓе. Како таква, постапката не била праведна, што довело до повреда на членот 6 став 1.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права