Вршење на родителското право

Во предметот Грујиќ против Србија (жалба бр. 203/07, 28.08.2018), Европскиот суд за човекови права утврди дека нема повреда на член 8 од Европската конвенција за човекови права. Предметот се однесува на напорите на жалителот за спроведување судски одлуки за одржување на контакт со неговите две деца. Жалителот е српски државјанин.

Жалителот живеел со своите две деца, ќерка и син, и нивната мајка до 2001 година, кога родителите се разделиле. Во јануари истата година локалниот Центар за социјална грижа децата ú ги доделил на мајката и му дозволил на жалителот да ги посетува секој втор викенд и за време на училишните одмори.

Во август 2005 година тој поднел барање до судот за добивање на самостојно вршење на родителско право и во декември 2005 година судот издал привремена наредба за контакт со децата, која била слична на претходната. Од јануари 2006 година жалителот се обидел да ја спроведе привремената наредба за контакт со децата добиена во декември 2005 година. Тој наишол на различни пречки, вклучувајќи го и фактот што неговата ќерка не сакала да се гледа со него, а мајката одбивала да му дозволи на синот да оди сам во таквите случаи.

Социјалните служби и судовите организирале разни состаноци помеѓу родителите, како и помеѓу таткото и децата, како би можеле да разговараат во врска со ситуацијата. На крајот, првостепениот суд кој одлучувал по предметот ја прекинал привремената постапка за извршување на судската наредба во ноември 2011 година и на подносителот на жалбата му било наложено да ги плати трошоците.

Подносителот се жалеше тврдејќи дека српските власти не преземале ефективни чекори за спроведување на привремената судска наредба за одржување на контакт со децата од декември 2005 година.

Судот е свесен за фактот дека споровите за контакт и престој се по својата природа исклучително чувствителни за сите засегнати страни и домашните органи немаат нужно лесна задача да обезбедат извршување на судски наредби во оние случаи во кои едниот или двајцата родители се далеку од конструктивни. Во конкретниот случај, несоработливиот став на мајката и очигледната антипатија на ќерката кон жалителот, особено им отежнале на домашните власти да преземат дејства за целосно извршување на правата за контакт  на жалителот. Судот утврди дека, и покрај некои периоди на неактивност, а земајќи ја предвид чувствителноста на предметот, домашните власти општо земено постапиле одговорно во овој случај. Затоа, нема повреда на член 8.

Преземено од официјалниот веб сајт на ЕКЧП.