Експертската група на Советот на Европа за борба против насилството врз жените и семејното насилство известуваат за Црна Гора и за Турција

Експертската група на Советот на Европа за борба против насилството врз жените и семејното насилство (GREVIO) ги објави своите евалуациски извештаи за Црна Гора и Турција. Извештаите содржат целосна анализа за спроведувањето на одредбите од Истанбулската конвенција.

Во случајот со Турција, експертите го препознаваат напредокот во однос на мерките за заштита на жените од насилство, но посочуваат дека нема доволно податоци или докази кои покажуваат дека случаите на насилство се ефективно истражени, гонети и санкционирани. Во извештајот, исто така, се изразува сериозна загриженост во однос на малолетните и присилните бракови, психолошкото насилство и следењето/демнењето. Покрај тоа, во извештајот се посочуваат сé порестриктивните услови кои им се наметнуваат на независните женски организации и присутноста на длабоко вкоренетите, рестриктивни и стереотипни гледишта за улогата на жените кои продолжуваат да се шират во турското општество, вклучително и на највисоко политичко и јавно ниво, а кои го поттикнуваат насилството врз жените. Во извештајот се повикуваат властите, меѓу другото, да ги интензивираат мерките за идентификување и отстранување на празнините во институционалниот одговор кон насилството врз жените, да ги признаат присилниот брак и следењето/демнењето како посебни дела и да изготват програми за обука за органите за спроведување на законот.

Што се однесува до Црна Гора, GREVIO го поздравува донесувањето на новото законодавство за семејно насилство со кое се воведуваат итни забрани, меѓу кои и забрана за пристап, криминализацијата на другите облици на насилство врз жените, како што се бара во Истанбулската конвенција, имено следењето/демнењето, сакатењето на женските гениталии и присилната стерилизација, како и важни права за жртвите на семејно насилство, како што е правото на правна помош. Сепак, GREVIO забележува дека треба да се подобрат мерките кои се однесуваат на другите видови насилство, како што се силувањето и присилниот брак. GREVIO ги поттикнува црногорските власти да воспостават доволен број на референтни центри за жртвите на силување и/или сексуално насилство, да обезбедат соодветна обука на професионалци и да развијат доволно можности за финансирање на женските невладини организации кои пружаат  услуги на специјалистичка поддршка за жртвите.

Преземено од официјалниот веб сајт на Советот на Европа