Законски утврденото право на промена на полот не е спроведливо во пракса

Во предметот А.Д. и други против Грузија (претставка бр. 57864/17, 01.12.2022 година), Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот ) од Европската конвенција за човекови права.

Подносителите на претставката се трансродови мажи (жени по раѓање). Случајот се однесуваше на нивните жалби дека не биле во можност да добијат законско признавање на нивниот пол, затоа што не биле подвргнати на операција за промена на полот.

Според член 8 од Конвенцијата, судската практика на Судот за правно признавање на полот веќе утврди дека од земјите-членки се очекува да обезбедат брзи, транспарентни и достапни процедури за промена на регистрираниот пол на трансродовите лица.

Судот забележа дека, не само што правото на промена на полот во евиденцијата за граѓански статус во Грузија е утврдено со закон, туку тоа и се толкува како дел од уставното право на слободен развој на личноста според член 12 од Уставот. Меѓутоа, и покрај тоа што такво право постои во земјата од 1998 година, очигледно досега немало ниту еден случај на успешно правно признавање на промената на полот.

Судот прифати дека законското признавање на полот мора да биде регулирано за да се заштити принципот на граѓански статус, доследноста и веродостојноста на евиденцијата за граѓански статус и, пошироко, потребата од правна сигурност. Меѓутоа, иако правото на промена на нечиј пол во евиденцијата за граѓански статус постоеше во Грузија, законот не ги наведува јасно условите што треба да се исполнат за легално признавање на  промената на полот. Владата, исто така, пропуштила да се осврне на спецификите на прашањето на Судот во врска со точните медицински процедури неопходни за целите на законско признавање на промена на полот. Според тоа, Судот утврди дека домашното право и практика не даваат никакви индикации за точната природа на медицинските процедури што треба да се следат. 

Судот, исто така, забележа дека Владата наведе дека изразот „промена на пол“ во Законот за граѓански статус морало да се процени врз основа на „биолошки, физиолошки и/или анатомски критериуми“. Меѓутоа, таквите различни термини треба да се користат наизменично со најголем степен на грижа и прецизност, бидејќи секој од нив има свое посебно значење и повлекува различни правни импликации. Така, на пример, доколку „промената на полот“ се дефинира врз основа на биолошки критериуми, тогаш не би било воопшто можно да се добие правно признавање на полот, бидејќи хромозомите не може да се менуваат со медицински интервенции, без оглед на нивниот број.

Судот утврди дека недоследностите во толкувањето на домашното право од страна на домашните судови биле условени, барем делумно, со тоа што самиот закон не бил доволно детален и прецизен. Непрецизноста на постојното законодавство ја поткопа достапноста на правното признавање на полот во практиката, а непостоењето на јасна правна рамка им остави на домашните власти прекумерни дискрециони овластувања, што може да доведе до произволни одлуки. Судот заклучи дека имало повреда на член 8 од Конвенцијата.

Преземено од официјалната веб-страница на Европскиот суд за човекови права