26 Јул Кривичниот прогон и последователното изрекување на забрана за управување со моторни возила врз основа на казнени поени не претставуваат двојна казна за исто дело
Во својата одлука во предметот Матијашиќ против Хрватска (жалба бр. 38771/15, 07.01.2021), Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи жалбата за недопуштена.
Во 2013 и 2014 година на територијата на Истра, жалителот бил казнет за брзо возење во прекршочна постапка и му биле додадени три казнени поени во три одделни прилики. На 6.08.2014 година, полицијата во Истра му забранила да управува со моторни возила поради вкупните казнени поени кои ги собрал.
Потпирајќи се на членот 4 од Протоколот број 1, 7 (право да не се биде осуден или казнет два пати), тој се жалел дека неговото кривично гонење и казнување за помали прекршоци во патниот сообраќај, како и последователната примена на забрана за управување со моторни возила заради истите прекршоци, довеле до повреда на неговите права според Европската конвенција за заштита на човековите права.
ЕСЧП, пред сè, забележа дека предметот се однесува на ситуација во која на жалителот му било забрането да управува со моторни возила како резултат на фактот што тој добил голем број казнени поени за сообраќајни прекршоци направени во законски определен период и дека овој предмет треба да се разликува од претходните предмети кои биле испитани од ЕСЧП, во кои забраната за управување со моторни возила била изречена како дел од санкција за одреден прекршај во патниот сообраќај.
Владата тврдеше дека забраната за управување со моторни возила која му била изречена на жалителот како резултат на собраните казнени бодови не може да се смета за забрана од „кривична“ природа. Според постојниот домашен закон, забраната за управување со моторни возила според член 286 (6) од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата е класифицирана како превентивна административна мерка, различна од која било казна што може да се примени во кривична или прекршочна постапка. Забележувајќи дека една цела низа земји вовеле систем на казнени поени во сообраќајот и дека во самата судска пракса се потенцира важноста на воспоставување на законодавна и административна рамка која треба да обезбеди ефикасно спречување на однесување кое претставува закана за правото на живот во контекст на патниот сообраќај, ЕСЧП беше убеден дека основната цел овде била да се обезбеди безбедност на патиштата.
Соодветно на тоа, г. Матијашиќ не бил подложен на кривично гонење кога полицијата ја спровела забрана за управување со моторни возила заради неговите вкупни казнени поени според член 286 (6) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Според тоа, ЕСЧП заклучи дека член 4 од Протоколот број 7 не е применлив во неговиот случај и ја одби неговата жалба како недопуштена.
Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права