Нарушување на принципот ne bis in idem во постапките против жалителот заради нарушување на јавниот ред и мир на фудбалски натпревар

Во предметот Велков против Бугарија (жалба бр. 34503/10), Европскиот суд за човекови права едногласно утврди дека дошло до повреда на член 4 од Протоколот бр. 7 (право да не се биде суден или казнуван двапати за исто дело) од Европската конвенција за човекови права.

Предметот се однесуваше на жалбата на подносителот дека бил осуден двапати за истото дело – нарушување на јавниот ред и мир за време на фудбалски натпревар.

Судот забележа дека постапките на жалителот довеле до две одделни постапки, а и двете се однесувале на „кривични пријави“. Исто така, забележа дека делата за кои тој бил казнет во обете постапки се поврзани со истото недозволено однесување што се случило за време на истиот спортски настан.

Двете постапки започнале во исто време и се воделе паралелно се’ до 29 мај 2008 година, кога управната постапка завршила со правосилна пресуда. Кривичната постапка продолжила и завршила по повеќе од две години и четири месеци, во октомври 2010 година. Со оглед на неговата судска пракса, Судот сметаше дека постоела доволно блиска временска поврзаност помеѓу двете постапки. 

Што се однесува до постоењето на суштинска поврзаност помеѓу двете постапки, Судот прво напомена дека управната и кривичната постапка имале во суштина иста цел, имено да се казни нарушувањето на јавниот ред и мир предизвикано од жалителот за време на фудбалскиот натпревар на 17 мај 2008 година.

Судот му придаде посебна важност на фактот што двете постапки имале иста казнена цел. Тој поконкретно утврди дека, со оглед на недостигот на доволно блиска суштинска поврзаност помеѓу управната и кривичната постапка против жалителот, според домашното право тие постапки не може да се сметаат како дел од интегрална шема на санкции кои би биле насочени кон борба против феноменот на хулиганство во спортот. Оттука, жалителот бил гонет и казнет двапати за истото дело, што претставува прекршење на принципот ne bis in idem. Затоа, во овој предмет дошло до повреда на член 4 од Протоколот бр. 7 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб-сајт на Европскиот суд за човекови права